Обединетите Арапски Емирати се обидоа да ги убедат другите земји од Персискиот Залив да се приклучат на координиран напад врз Иран по почетокот на американско-израелската кампања против Иран, но не им успеало, објави денес Блумберг, повикувајќи се на извори запознаени со ситуацијата.
Според извори, претседателот на ОАЕ, шеикот Мохамед бин Зајед, разговарал со регионалните лидери, вклучувајќи го и саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман, залагајќи се за заедничка воена акција против Иран, но другите земји од Заливот го отфрлиле предлогот.
Блумберг вели дека ваквите разлики би можеле да ги објаснат неодамнешните несогласувања меѓу ОАЕ и некои земји од Заливот, вклучително и одлуката на Емиратите да ја напуштат Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) минатиот месец.
Во извештајот исто така се вели дека Саудиска Арабија започнала напад врз Иран во март, но набргу потоа се префрлила на поддршката на медијациските напори предводени од Пакистан.
Според истите извори, Катар разгледувал одговор по нападот на Иран врз гасниот објект Рас Лафан, најголемиот објект за течен природен гас во светот, но се откажал од одмазда.
Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп била свесна за напорите на ОАЕ за формирање заеднички воен одговор и ја поддржала Саудиска Арабија и Катар да се приклучат на иницијативата, соопшти Блумберг.
По нападите на САД и Израел, Иран ги погоди сите шест земји од Советот за соработка во Заливот со ракети и беспилотни летала, напаѓајќи не само американски воени бази, туку и цивилни локации, аеродроми и нафтена инфраструктура, и го затвори Ормускиот теснец, нарушувајќи ја глобалната трговија.
Обединетите Арапски Емирати, исто така, извршија воени напади врз Иран, објави Волстрит журнал во понеделник.










