Основниот суд во Приштина денеска го прогласи Милорад Ѓоковиќ за виновен и го осуди на десет години затвор за воени злосторства извршени во селото Оздрим во близина на Пеќ, во соучество со други припадници на српските полициски сили на 7 мај 1999 година.
Ѓоковиќ, познат и по прекарот „Мичи“, беше обвинет од Специјалното обвинителство за извршување дела што вклучуваа убиства, претреси, тепања, злоупотреби, апсења, тортура и сурово и нехумано постапување во селото Оздрим (Пеќ) и околните села во текот на 1998 и 1999 година, кршејќи го меѓународното право.
Претседателката на судењето Донике Шала Абдили изјави дека е докажано дека обвинетиот ги извршил злосторствата за кои е обвинет.
Сепак, Шала Абдили додаде дека презентираните докази не потврдуваат дека обвинетиот учествувал во убивањето цивили.
Обвинителството го обвини Ѓоковиќ за грабеж, палење и уништување на цивилен имот.
Според обвинението, шест албански цивили биле убиени за време на офанзивата во Оздрим. Тројца од ранетите беа егзекутирани откако им беше укажана медицинска помош во болница, додека пет лица сè уште се водат како исчезнати.
Судењето на Ѓоковиќ, кој се изјасни за невин на почетокот на постапката, започна на 20 јули 2023 година. Тој беше уапсен на 27 јуни 2022 година.




















