Туркије денес изрази „сериозна загриженост“ поради нападите врз цивилни бродови во Црното Море, соопшти турското Министерство за надворешни работи, откако турските цивилни бродови „Јашар“ и „Надежда“ биле нападнати синоќа со беспилотни летала при испловување од пристаништето Новоросијск.
Во нападите биле повредени повеќе членови на екипажот, меѓу кои и турски државјани,
„Сериозно сме загрижени што, и покрај сите наши предупредувања, војната меѓу Русија и Украина сè повеќе се проширува во Црното Море на начин што ги погодува и цивилните бродови“, се наведува во соопштението на Министерството.
Министерството ги повика сите страни во Црното Море да „преземат конкретни мерки“ за обезбедување на непречено пловење.
„Доколку не се преземат превентивни мерки, ескалацијата во Црното Море ќе има повеќедимензионални негативни последици, вклучително и врз безбедноста на снабдувањето со храна“, се додава во соопштението.
„Безбедноста и сигурноста на нашите граѓани се наш највисок приоритет и нивната состојба внимателно се следи“, се наведува уште во соопштението.
Според поморските власти на Туркике, товарниот брод „Надежда“ пловел од Новоросијск кон северното турско пристаниште Самсун кога бил погоден од беспилотни летала на околу 20 наутички милји од Новоросијск.
Операторот на бродот изјавил дека сите 22 члена на екипажот биле евакуирани во Русија, вклучувајќи тројца кои биле сериозно повредени, додека пожарот продолжил да гори во предниот дел на бродот.
Не е јасно кој стои зад нападот.
Инцидентот се случува во време на засилени напади во Црното Море, каде што комерцијалниот превоз е сè повеќе погоден од војната меѓу Русија и Украина и покрај меѓународните напори за заштита на поморската пловидба.


























