Израелскиот Кнесет денес го усвои предлог-законот со кој се бара забрана за пуштање на муслиманскиот повик на молитва, односно езанот, преку звучници во Израел, пренесуваат медиумите.
Според весникот „Израел хајом“, Кнесетот го усвои предлог-законот во прво читање, насочен кон построго спроведување на законските одредби против она што е дефинирано како „бучава од џамиите“.
Според пишувањата на весникот „Једиот ахронот“, предлог-законот поминал со 50 гласа „за“ и 36 „против“ во Парламентот кој брои 120 пратеници.
Инициран од партијата Оцма Јехудит, предводена од министерот за национална безбедност Итамар Бен-Гвир, предлог-законот беше поддржан и од опозициската партија Израел Бејтеину на десничарскиот политичар Авигдор Либерман.
Раухи Фатух, претседател на Палестинскиот национален совет, го опиша овој потег како „злосторство“ и „законодавен тероризам“.
„Ова е грубо кршење на слободата на вероисповед и верување“, наведе Фатух во соопштението.
Предлог-законот треба да помине уште три читања пред да стане закон.
Забраната на езанот преку разглас практично би ја одзела неговата суштинска намена, бидејќи тој служи за известување на муслиманите за времето на молитва, наместо само како ритуал што се изведува внатре во џамиите.
Како што пренесува израелскиот „Канал 14“, со предложениот закон се утврдува забраната за инсталирање или користење на аудиосистеми во џамиите без претходно добиено одобрение.









