Цените на нафтата продолжија да паѓаат денес откако американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека го откажал планираниот воен напад врз Иран по апелот од сојузниците од Персискиот Залив.
Тоа го поттикна оптимизмот дека преговорите меѓу САД и Иран би можеле да се обноват, објави Трејдинг економикс.
Цената на глобалната нафта Брент беше на ниво од 110 долари за барел, а американската сурова нафта ВТИ (West Texas Intermediate) беше на ниво од околу 103 долари за барел.
Трамп рече дека Саудиска Арабија, Катар и ОАЕ го замолија да „почека“, истакнувајќи дека се во тек сериозни разговори, иако Техеран сè уште не го потврдил тврдењето.
Цените на нафтата растат повеќе од една недела, бидејќи мировните преговори меѓу САД и Иран се во застој, а прекините во превозот преку виталната транспортна рута, Ормускиот теснец, продолжуваат.
Нуклеарната програма на Иран и двојната блокада на клучниот воден пат остануваат главните пречки што го спречуваат напредокот во разговорите.
Во меѓувреме, САД одобрија ново ослободување од 30 дена со кое се дозволува продажба на руска сурова нафта и деривати веќе натоварени на танкери.







