Американскиот претседател Доналд Трамп им вети на сојузниците од НАТО дека САД ќе испрaтат дополнителни 5.000 војници во Полска, само неколку часа пред американскиот државен секретар Марко Рубио да се сретне со министрите на Алијансата денеска во Шведска.
Како причина за одлуката за испраќање дополнителни војници, Трамп го наведе својот однос со полскиот претседател Карол Навроцки, кого го поддржа на претседателските избори во Полска.
„Врз основа на успешниот избор на сегашниот претседател на Полска, Карол Навроцки, кого гордо го поддржав, и нашиот однос со него, со задоволство објавувам дека Соединетите Американски Држави ќе испратат дополнителни 5.000 војници во Полска“, објави Трамп на Truth Social.
Тој додаде дека размислува за повлекување од НАТО алијансата и праша дали Вашингтон е должен да го почитува пактот за взаемна одбрана.
Пред состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО во Хелсингборг, Рубио рече дека Трамп е „многу разочаран“ од членовите на алијансата кои не им дозволија на САД да користат бази на нивна територија за војната во Иран, особено Шпанија.
„Имате земји како Шпанија кои негираат дека САД ги користат овие бази, па зошто сте во НАТО? Тоа е многу фер прашање. Да бидеме фер, другите земји во НАТО беа многу корисни, но мора да разговараме за тоа“, изјави Рубио пред новинарите во Мајами.
Функционерите на НАТО нагласија дека САД не побарале од 32-члената алијанса да учествува во дозволувањето на американските сили да го користат нивниот воздушен простор и базите на нивна територија.
Американскиот државен секретар Марко Рубио денес ќе присуствува на состанок на министрите за надворешни работи на НАТО во Шведска, каде што ќе разговара за потребата од поголема распределба на товарот во рамките на Алијансата, по што ќе ја посети Индија, објави денес Стејт департментот.














