Турскиот министер за надворешни работи, Хакан Фидан, во интервју за Њујорк тајмс истакна дека односот меѓу претседателот Реџеп Таип Ердоган и американскиот претседател Доналд Трамп може да помогне во намалувањето на тензиите во НАТО, во пресрет на самитот на сојузничките лидери во Анкара.
Туркије ќе се обиде да го искористи „топлиот однос“ меѓу Ердоган и Трамп за да помогне во надминувањето на разликите во рамките на Алијансата за време на самитот на НАТО во турската престолнина, објави весникот денес.
„За господинот Трамп се работи исклучиво за доверба и пријателство“, изјави Фидан, додавајќи дека Туркије има намера ова пријателство да го стави во функција на општото добро, односно за интересите на целото семејство на НАТО.
Алијансата од 32 членки утре ќе се состане во Анкара на разговори за кои се очекува да се фокусираат на иднината на трансатлантската безбедност, трошоците за одбрана и одговорот на Алијансата на тековните регионални и глобални предизвици.
Фидан рече дека очекува техничките дискусии на самитот да се одвиваат непречено, и покрај критиките на Трамп кон НАТО и притисокот врз сојузниците во однос на воените трошоци.
„Не гледам никаков проблем во тоа“, рече тој. „Се разменуваат многу зборови, но во практична смисла, ништо не може да се промени. Силите се таму“.
Фидан нагласи дека Туркије и другите европски земји се согласуваат за важноста на Алијансата.
„Никој не ја доведува во прашање неопходноста од НАТО“, рече тој.
Одбранбената соработка на ЕУ надвор од НАТО е структурен проблем
Тој ги критикуваше предлозите за продлабочување на одбранбената соработка во рамките на Европската Унија надвор од структурите на НАТО, нарекувајќи ги „структурен проблем во НАТО“ и оценувајќи дека таквите потези се во спротивност со обврските на европските земји кон Алијансата.
„Туркије и Европа мора да се гледаат како витални партнери за својата колективна безбедност“, изјави Фидан.
„Ние сме исто така дел од Европа и сè додека не се обединиме во рамките на европската географија за да ја формираме нашата безбедносна платформа, никогаш нема да се чувствуваме доволно безбедни“, рече тој.
Фидан се осврна и на Меморандумот за разбирање постигнат минатиот месец меѓу САД и Иран, оценувајќи дека двете страни делуваат сериозно во однос на своите крајни цели.
„Во поглед на политичката волја, двете страни се многу сериозни за крајните цели“, рече тој.
Сепак, напомена дека 60-дневниот договор оставил многу спорни прашања за идните разговори, вклучително и нуклеарната програма на Иран, укинувањето на санкциите кон Техеран и правилата со кои се регулира Ормускиот Теснец.
Во однос на војната меѓу Русија и Украина, Фидан изјави дека Туркије е подготвена да посредува во нови преговори насочени кон ставање крај на конфликтот, но додаде дека не очекува таквите разговори да започнат веднаш.
„Севкупно, заклучокот до кој дојдов е дека мислам оти тие се подготвени да се вклучат во дискусии и разговори, но ни треба американско влијание“, рече тој. „Важно е за нас да видиме реална и искрена намера и напор од двете страни за мир.“














