Женската одбојкарска репрезентација на Туркије ја освои втората титула во ФИВБ Лигата на нации, откако во финалето во кинески Макао ја совлада репрезентацијата на Бразил со 3:1 во сетови.
Финалниот натпревар беше одигран во салата „East Asian Games Dome“ во Специјалниот административен регион Макао, каде што Туркије го надигра светскиот вицешампион и ја освои својата втора титула во ова натпреварување, по првата освоена во 2023 година.
Туркије по осми пат по ред обезбеди пласман во завршницата на Лигата на нации, која се одржува од 2018 година, а со оваа победа дополнително ја зацврсти својата позиција меѓу најуспешните репрезентации во историјата на натпреварувањето.
Во досегашните осум изданија на Лигата на нации, Туркије освои вкупно четири медали – два златни, еден сребрен и еден бронзен. Првата титула ја освои во 2023 година со победа над Кина, откако во 2018 година беше поразена од Соединетите Американски Држави во финалето.
Селекторот Даниеле Сантарели ја продолжи успешната серија на клупата на репрезентацијата на Туркије. Италијанскиот стручњак, кој ја презеде селекцијата во 2023 година, го освои своето трето злато со Туркије, по триумфите во Лигата на нации и на Европското првенство во 2023 година. Под негово водство, репрезентацијата го освои и сребрениот медал на Светското првенство во 2025 година.
Триумфот над Бразил имаше и дополнителна симболика, бидејќи Туркије ѝ се реваншираше на оваа селекција за поразот во натпреварот за бронзениот медал на Олимписките игри во Париз во 2024 година.
Од друга страна, Бразил по петти пат беше поразен во финалето на Лигата на нации. Претходно ги загуби завршните натпревари од Соединетите Американски Држави во 2018, 2019 и 2021 година, од Италија во 2025 година, а сега и од репрезентацијата на Туркије.





















