Македонскиот министер за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, во рамките на посетата на Израел, денеска оствари средба со израелскиот колега, министерот за надворешни работи Гидеон Саар, на која биле потврдени добрите билатерални односи и заедничката определба за нивно натамошно продлабочување.
Како што соопшти Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, двајцата министри разговарале за можностите за унапредување на соработката во повеќе области од заемен интерес, со акцент на економијата, одбраната, кибербезбедноста, здравството, земјоделството и туризмот.
Муцунски посетата ја смета за можност добрите политички односи меѓу двете земји да се преточат во поконкретна и подинамична соработка.
- Посетата е можност силните политички односи да ги преточиме во поконкретна соработка, особено во економијата, одбраната и одбранбената индустрија, кибербезбедноста, здравството, земјоделството и туризмот - истакнал Муцунски.
Биле потпишани и два билатерални документи - програма за соработка во областа на образованието, науката, културата, младите и спортот за периодот 2026 - 2029 година и меморандум за разбирање за билатерални економски консултации меѓу министерствата за надворешни работи на двете земји.
Според македонското министерство за надворешни работи и надворешна трговија со потпишувањето на документите дополнително се зајакнува институционалната рамка за соработка и се создаваат услови за продлабочување на партнерските односи во повеќе сфери.
Муцунски воедно изразил благодарност за солидарноста и поддршката што Израел и израелскиот народ ги покажале по трагедијата во Кочани.
Во разговорите била потврдена заемната подготвеност за натамошно надградување на партнерството преку конкретни проекти, интензивирање на економските врски и отворање нови можности за соработка од заемен интерес.






















