Заживување на заборавеното: Ткаење на разбој
КУЛТУРА
3 мин читање
Заживување на заборавеното: Ткаење на разбојРистовски нагласува дека секоја носија носи свој препознатлив идентитет- доволно е да се види еден дел, за да се препознае од кој регион потекнува
Заживување на заборавеното: Ткаење на разбој / TRT Balkan MK
21 март 2026

Во еден мал дуќан, каде звукот на разбојот ја исполнува просторијата, традицијата не е изложена, таа рачно се создава. Тука, народната носија не е само минато, туку жив процес.

Екипата на ТРТ Балкан разговараше со Дамјан Ристовски, основач на „Народни носии“, и со Сара, кои зад оваа приказна стојат не само како занаетчии, туку како чувари на една жива култура. Нивната љубов кон ткаењето започнала уште во детството, а денес тоа што некогаш било интерес и хоби, прераснало во професија и животна определба.

„Целта беше да се отвори дуќан каде што ќе се покаже ткаењето, разбојот како машина и сите други процеси: шиење, везење, плетење, реставрација на носии,“ вели Ристовски.

Тој објаснува дека идејата се родила од еден широко распространет стереотип- дека ткаењето исчезнало. Токму тоа било поттикот да се покаже спротивното.

„Постоеше тој став дека ‘веќе никој не ткае’. Е од таа реченица се роди револтот- да покажеме дека ткаењето сè уште постои и дека има луѓе што го практикуваат, и во домашни услови, и професионално,“ додава тој.

Со текот на времето, нивната приказна почнала да привлекува внимание. Најпрво од блиската околина, а потоа и пошироко. Дел од луѓето што биле вклучени на почетокот се повлекле, но Сара останала и денес заедно ја продолжуваат оваа мисија.

Ристовски посочува дека особена гордост им се младите луѓе кои доаѓаат да учат ткаење, и тоа не само од Македонија.

Една од нив била студентка од Франција, која преку Еразмус програма поминала три месеци учејќи ги сите фази на ткаењето- од сновење до финален производ. Иако без познавање на македонски јазик, успеала да изработи реплика на традиционален појас речиси идентична со оригиналот.

„Тоа за нас беше огромна гордост, не само што ја учеше техниката, туку ја совлада на високо ниво,“ вели тој.

Слично искуство имале и со студентка од Лондон, која наместо пракса во големи модни куќи, одбрала да дојде во Македонија и да учи традиционално ткаење.

Според Ристовски, ваквите примери покажуваат дека традицијата може да биде привлечна и за новите генерации, доколку им се даде вистински пристап и простор.

Интересот, како што вели, не доаѓа само од ученици, туку и од минувачи, туристи и странци, кои често со восхит реагираат на она што го гледаат.

Тој објаснува дека странците ја доживуваат оваа традиција како нешто уникатно и автентично, а нивните реакции- од насмевки до спонтани пофалби- се потврда дека идејата има пошироко значење.

„Со самото нивно влегување, се гледа восхитот. За нив ова е нешто сосема непознато, но и многу вредно,“ вели Ристовски.

Со текот на времето, нивната иницијатива прераснала од лична желба во нешто што одговара и на општествена потреба: да се зачува и оживее традицијата.

Македонија, додава тој, е простор на исклучително богатство кога станува збор за народните носии. Различни етнички заедници- Македонци, Албанци, Турци, Роми, Бошњаци, Срби, Власи, создаваат мозаик од уникатни форми, бои и техники.

Ристовски нагласува дека секоја носија носи свој препознатлив идентитет- доволно е да се види еден дел, за да се препознае од кој регион потекнува.

„Нашите носии се едни од најбогатите и најсложените за изработка. Комбинацијата на бои и детали е уникатна за секој предел,“ истакнува тој.

Најголем интерес за нивните производи, вели, доаѓа од македонската дијаспора, туристите и фолклорните ансамбли, но и од луѓе кои сакаат да ја зачуваат врската со сопственото потекло.

Во време кога модата станува сè побрза и поминлива, оваа мала работилница оди во спротивен правец: споро, внимателно и со почит кон секој конец. Ова е место каде културниот идентитет се издигнува и традицијата продолжува да живее.

Повеќе
Иран му возврати на Трамп: Имате погрешни информации за нашите воени капацитети
Остатоци од ракета предизвикаа помала штета во Абу Даби
Претседателот на Јужна Кореја побара вонреден буџет поради војната во Иран
Еден загинат во земјотресот од 7.4 степени во Индонезија
Бурханетин Дуран: Остро го осудувам законот за смртна казна донесен од израелскиот парламент
19 загинати и неколку повредени мигранти при бродска несреќа кај италијанскиот остров Лампедуза
Медиуми: Иран го започна најголемиот ракетен напад од почетокот на војната
Гаши: Соживотот и дијалогот клучни за стабилноста во регионот
Во Скопје одржан Самит на верските заедниции на Балканот
Трамп: Новото раководство на Иран бара прекин на огнот
Германија ги намалува загриженостите околу заканата на Трамп за напуштање на НАТО
Мицкоски: Состојбата со горивата е стабилна, струјата нема да поскапи
Ердоган: Израел првенствено е одговорен за незаконската војна со Иран
Трамп: Сериозно размислувам за повлекување на САД од НАТО
Техеран има 4 барања до САД и Израел за постигнување траен мир на Блискиот Исток