Претседателот на Управниот одбор на турската технолошка компанија „Бајкар“, Селчук Бајрактар, истакна дека во светот постојат околу 15.000 борбени авиони и дека со тек на време беспилотните борбени авиони „веројатно, во рок од 30 години, ќе ги заменат сите нив“ и оти „тоа ќе биде голема револуција во борбената авијација“.
„Бајкар“ ја пречека делегацијата на Големото народно собрание на Туркије, предводена од претседателот Нуман Куртулмуш, како и делегацијата на Парламентарното собрание на НАТО, предводена од Маркос Перестрело де Васконселос, во Националниот технолошки центар „Оздемир Бајрактар“.
За време на посетата, под водство на Селџук Бајрактар, беа презентирани активностите на компанијата, работата во областа на одбранбените технологии и иновативните проекти.
Во својата презентација Бајрактар истакна дека тоа што го прави борбениот беспилотен авион „КИЗИЛЕЛМА“ може да се спореди со моментот кога компјутер ја победил шаховската легенда Гари Каспаров.
Тој посочи дека Каспаров бил врвен шахист што можеби 40 години работел за да стигне до тоа ниво, но дека „машина со големина на фрижидер го победи Каспаров“ и дека денес дури и мобилен телефон може да го победи. Според него, тоа ја покажува трансформацијата во улогата на машините.
Бајрактар додаде дека беспилотните летала може да ги извршуваат сите задачи како пилотирање борбени авиони, па дури и повеќе, бидејќи немаат човечки фактор. Според него, тие се и значително поевтини.
„Ова е како шаховски меч против машина“, рече тој. „Нема потреба од обука. За да обучите еден пилот за борбен авион потребни се 10 години. Има и семејство, има ризици. Човечкиот фактор е најскапата ставка“, изјави Бајрактар.
На прашањето дали може да даде повеќе детали за беспилотните борбени авиони и да направи споредба со пилотираните, земајќи го предвид фактот дека повеќето армии во светот сè уште не ги гледаат како алтернатива, Бајрактар рече:
„Воените сили секогаш се подготвуваат за тоа што веќе се случило, но треба да се подготвуваат за она што следува. Никој не можеше да го предвиди успехот на Бајрактар ТБ2, ниту успехот на дроновите ФПВ. Не го предвидоа ниту воените аналитичари ниту високите офицери.“
Тој нагласи дека промените ги водат оние што ги разбираат и контролираат новите технологии.
„Сега сите зборуваат за филмот 'Топ ган' и идејата дека човекот го победува машина. Но не е така – машината го прави тоа, како чудовиште“, рече Бајрактар.
Тој додаде дека идните беспилотни борбени системи не треба да се споредуваат со генерации авиони (петта, шеста генерација), туку се сосема нов тип, додавајќи дека беспилотните авиони немаат генерации и дека нивните трошоци се многу пониски во споредба со пилотираните авиони.
„Што се 90% од сите летови со млазен авион? Летови за обука. Значи, ако имате 10 авиони, девет од нив се користат за обука во текот на целиот свој живот. Ви останува само еден авион што ќе се бори. Тука нема потреба од обука бидејќи на компјутерот не му е потребна. Само софтвер. Откако ќе се оптимизира, а тој постојано се оптимизира, работата е завршена“, рече Бајрактар.
Одбраната од дронови потешка од нивното користење
На прашањето кога ова ќе стане реалност, Бајрактар рече дека тоа е тешко да се предвиди, но дека ќе се случи кога ќе се покаже во реални конфликти.
„Ние сме пионери и веројатно ќе му го покажеме тоа на светот“, додаде тој.
За одбраната од дронови, тој рече дека тоа е многу потешко од нивното користење, особено против евтини камиказе дронови, додавајќи: „Одбраната секогаш е поскапа од нападот. Во војната во Украина гледаме и напади со илјадници дронови. Не можете да ги пресретнете сите.“
Меѓутоа, тој предупреди дека постои ризик од тотално уништување ако продолжи трката со вооружување.
„Светот има премногу оружје. Наместо тоа, треба да градиме мир“, рече тој.
„Јас сум научник за роботика и производител на дронови. Можеби ќе прашате зошто го велам ова. Но проблемот е нерамнотежата во светот. Некои земји трошат повеќе пари за производство на оружје за уништување отколку остатокот од светот заедно. Кога станува збор за одбрана, тоа е неверојатно тешко. Речиси и немате опции“ рече Бајрактар и додаде:
„Во ова време не може да го запрете ширењето на технологијата. Сè е онлајн. За да се спротивставите, речиси би морало да живеете во огради и кафези. А тоа не е многу паметно. Запирањето на војните секогаш е многу попаметно. Но ако го погледнете светот во моментов, геноцид се случува на неколку стотици километри оддалеченост, а во светот нема институции што би го запреле. Всушност, институциите се мртви. Правилата се мртви. Така продолжува. Човештвото ќе се самоуништи поради алатките што ги има, исто како во Втората светска војна.“
Иднината на технологијата
Зборувајќи за иднината, тој рече дека е тешко да се предвиди 30 години однапред поради брзиот технолошки развој, но дека за 10 години дроновите ќе бидат многу поприсутни во сите облици.
„Во светот има околу 15.000 борбени авиони. Беспилотните борбени авиони на крајот ќе ги заменат сите, веројатно во рок од 30 години. Ова ќе биде голема револуција во борбената авијација. И се надевам дека еден ден ќе може повторно да го обединиме светскиот поредок и да кажеме ‘оружјето не е добро’. Се надевам дека некогаш ќе го направиме тоа. Но сега не е време, за жал. Сите институции, сите правила, секое од нив се распаѓа“, рече претседателот на „Бајкар“.














