Најголемиот индустриски синдикат во Германија ИГ Mетал започна протести низ целата земја во понеделник против намалувањето на работните места и мерките за штедење во автомобилскиот сектор кој се бори со тешкотии.
Под слоганот „Иднина наместо колапс - солидарноста е нашиот најсилен бренд“, работниците во производителите и добавувачите на автомобили се повикани да учествуваат на демонстрации во сите германски федерални покраини, објави јавниот радиодифузен сервис AРД.
Планирани се повеќе од 200 настани, вклучувајќи состаноци на работните места, протести за време на продолжените паузи за ручек, маршеви и јавни собири во големите центри на автомобилската индустрија како што се Волфсбург, Цвикау и Штутгарт.
Синдикатот соопшти дека очекува повеќе од 100.000 луѓе да учествуваат во акцијата.
„Моментално сме сведоци на невиден напад врз работниците во автомобилската индустрија“, изјави Кристијане Бенер, претседателка на синдикатот ИГ Метал, нагласувајќи дека работниците се принудени да го носат товарот на кризата во секторот.
„Ова мора да престане“, додаде таа.
Пред претстојните преговори за платите, ИГ Метал бара поголеми инвестиции во германските производствени капацитети и зачувување на 35-часовната работна недела.
Синдикатот ја повика владата да помогне во заштитата на индустријата со намалување на цените на електричната енергија и бирократските пречки.
Германскиот автомобилски сектор се соочува со зголемен притисок од пожестоката кинеска конкуренција, недоволната искористеност на производствените капацитети и скапата транзиција кон електрични возила.
Неколку производители и добавувачи најавија програми за реструктуирање во обид да ги намалат трошоците, предизвикувајќи загриженост за масовни загуби на работни места и евентуално затворање на фабрики.






















