Косовското собрание не успеа да избере нов претседател во уставниот рок поради недостаток на потребниот број гласови, што ја става земјата на работ на предвремени парламентарни избори.
На гласањето учествуваа само членови на владејачкото движење Самоопределување и претставници на несрпските малцинства, кои се состанаа четири пати во текот на денот, но нивните 64 гласа не беа доволни за избор на претседател, за што е потребно двотретинско мнозинство од 120 пратеници.
Спикерката на Собранието и вршител на должноста претседателка Албулена Хаџиу изјави дека поканите се упатени до опозициските партии, вклучувајќи ја Демократската партија на Косово и Демократската лига на Косово, но дека тие одбиле да учествуваат на седниците.
Хаџиу предупреди дека новите избори би можеле да го чинат буџетот околу десет милиони евра, нагласувајќи дека граѓаните очекуваат работа од институциите, а не политички блокади.
Премиерот Албин Курти во своето обраќање пред пратениците рече дека опозицијата не може да ја поништи волјата на гласачите, туку дека се обидува да го спречи нејзиното институционално спроведување преку блокади.
Тој рече дека владата понудила различни решенија за да избегнат нови избори, но сите предлози биле одбиени.
Во наредните денови се очекува Хаџиу да распише предвремени парламентарни избори, кои според Уставот мора да се одржат во рок од 45 дена.













