Воведувањето на новиот европски систем за претходно електронско одобрение за патување EТИAС, кој ќе биде задолжителен за граѓаните на земјите на кои не им е потребна виза за влез во Шенген зоната, ќе биде одложено до следната година поради технички проблеми и бавното воведување на новиот систем за влез и излез од ЕУ (EEС), пишува Фајненшл Тајмс (ФТ) повикувајќи се на извори.
Проблемите со системот EEС предизвикаа подолги чекања на одредени аеродроми и гранични премини, а авиоиндустријата предупреди дека тоа може да доведе до големи гужви за време на летната туристичка сезона.
Агенцијата EU-Лиса, задолжена за имплементација на системот EТИАС, призна дека планираното лансирање на системот до крајот на оваа година повеќе не е изводливо, според три извори запознаени со дискусиите.
Управниот одбор на агенцијата EU-Лиса се состанал кон средината на јуни за да ја разгледа можноста за поместување на почетокот на системот на подоцнежен датум, а според два извори, нов состанок за утврдување на временската рамка треба да се одржи во септември.
Портпаролот на агенцијата потврди дека на 17 јуни управниот одбор разговарал за „почетокот на работата“ на системот EТИАС, но додаде дека оттогаш нема нови одлуки во врска со ова прашање.
Европската комисија е одговорна за одредување на датумот на почеток на системот, но може да го стори тоа само откако агенцијата EU-Лиса успешно ќе го заврши тестирањето на EТИАС.
Еден извор запознаен со дискусиите рече дека сè уште има некои ИТ проблеми со системот EТИАС.
„Ајде прво да ги решиме проблемите со EEС пред да воведеме друг систем што би можел повторно да ги удвои редиците“, рекол изворот.
Европскиот комесар за внатрешни работи, Магнус Брунер, испратил писмо, до кое ФТ имал пристап, до претставниците на авиокомпаниите, во кое ги обвини националните влади на земјите-членки за проблемите со системот EEС.
„Други фактори, неповрзани со EEС, како што се недоволниот број вработени или недостатокот на соодветна инфраструктура, би можеле да бидат причина за доцнењето“, вели Брунер во писмото.
Системот EEС првично требаше да се имплементира во 2022 година, но неговото воведување беше одложено неколку пати поради проблеми со набавките, технички тешкотии и бавна имплементација во некои земји-членки.
Неколку претставници на ЕУ изјавија дека не се изненадени што агенцијата EU-Лиса се соочува со тешкотии во исполнувањето на роковите, имајќи предвид дека оваа агенција, покрај EТИАС, управува и со системот EEС и други гранични информативни системи.
Еден европски претставник процени дека доцнењето веројатно нема да биде долго.
„Ако не можат да ја завршат работата, ќе речат дека им треба уште еден квартал или уште еден месец“, рече тој.
Сепак, друг извор запознаен со процесот оцени дека почетокот на системот EТИАС оваа година е „илузорен“.
Според правилата на системот EТИАС, патниците од земји надвор од Европската Унија на кои не им е потребна виза за краток престој во Шенген зоната ќе мора да добијат електронско овластување пред да патуваат.
За да добијат одобрение, патниците ќе треба да пополнат електронски формулар, да дадат лични податоци, да одговорат на безбедносни прашања и да платат такса во износ од 20 евра.
Овластувањето ќе биде поврзано со пасошот на патникот и ќе важи три години или до истекот на пасошот, што и да се случи прво.
Обврската за регистрација ќе важи за патници од 60 земји надвор од ЕУ, со одредени исклучоци.
Таксата од 20 евра нема да се наплаќа за деца под 18 години и лица над 70 години, но тие исто така ќе треба да аплицираат за овластување.
Системот EТИАС ќе се применува во 30 европски земји - сите земји-членки на ЕУ освен Ирска, како и во Исланд, Норвешка, Лихтенштајн и Швајцарија.











