Германскиот канцелар Фридрих Мерц денес предупреди дека војната во Иран ќе има трајни последици врз глобалната економија, при што Германија се подготвува за значителен и пролонгиран товар врз нејзината економија.
„Ќе ги чувствуваме последиците од оваа војна долго време, дури и откако ќе заврши“, рече Мерц на прес-конференција во Берлин.
„Следствено, се подготвуваме и за значителен товар врз германската економија за подолг период - а со тоа и за значителен товар и врз домаќинствата.“
Конзервативниот лидер изрази жалење поради пропаѓањето на преговорите меѓу САД и Иран што се одржаа во главниот град на Пакистан, Исламабад, за време на викендот, истакнувајќи дека од самиот почеток очекувал тешкотии.
„Не бев изненаден од одлуката за прекин на преговорите во Исламабад. Од самиот почеток немав впечаток дека се навистина добро подготвени“, им рече тој на новинарите, додавајќи дека постигнувањето дипломатско решение би бил долг процес.
„Разговараме со американската администрација, разговараме со страните во конфликтот и разговараме со Израел“, рече Мерц. „Ова ќе остане долгорочен процес“, нагласи тој.


















