Американскиот претседател Доналд Трамп вчера започна со целосен напад врз папата Лав XIV, нарекувајќи го „слаб во однос на криминалот“ и „надворешната политика“ и тврдејќи дека Католичката црква го избрала само за да менаџира во односите со администрацијата на Трамп.
„Папата Лав е слаб во однос на криминалот и ужасен за надворешната политика“, напиша Трамп на својата платформа Truth Social, обвинувајќи го папата дека зборува за „страв“ на неговата администрација, додека го игнорира она што го опиша како прогон на религиозни личности за време на пандемијата на КОВИД-19.
Трамп рече дека го претпочита братот на папата, Луј, велејќи: „Ми се допаѓа неговиот брат Луј многу повеќе отколку него, бидејќи Луј е целосно МАГА. Тој го разбира тоа, а Лав не“.
„Не сакам папа кој мисли дека е во ред Иран да има нуклеарно оружје. Не сакам папа кој мисли дека е ужасно што Америка ја нападна Венецуела“, рече тој, тврдејќи дека јужноамериканската земја „ги испразни своите затвори со убијци и дилери на дрога, во нашата земја“.
Тврдејќи дека патот на Лав во папството е директно поврзано со неговото претседателствување, Трамп рече: „Тој не беше на ниту еден список за папа и беше ставен таму од Црквата само затоа што беше Американец, и тие сметаа дека тоа ќе биде најдобриот начин да се справи со претседателот Доналд Џ. Трамп. Да не бев во Белата куќа, Лав немаше да биде во Ватикан.“
„Лав треба да го среди своето однесување како папа, да користи здрав разум, да престане да и служи на радикалната левица и да се фокусира на тоа да биде голем папа, а не политичар“, напиша Трамп, тврдејќи дека сегашната траекторија на папата „ѝ штети на Католичката црква“.
На прашањето зошто го напаѓа папата, Трамп на новинарите по пристигнувањето во базата „Ендрус“ во Мериленд им рече „не сметам дека тој работи многу добро“.
„Тој е многу либерална личност и е човек кој не верува во запирање на криминалот“, истакна Трамп, додавајќи дека папата е „човек кој не мисли дека треба да си играме со земја која сака нуклеарно оружје за да може да го разнесе светот“.
Трамп го нападна папата откако тројца американски кардинали познати по нивните блиски врски со Лав дадоа интервју во емисијата „60 минути“ на Си-би-ес, и ја критикуваа администрацијата на Трамп поради одредени политики, вклучително и војната против Иран.
Американскиот претседател, исто така, сподели фотографија генерирана од вештачка интелигенција на Truth Social на која се прикажува себеси како Исус Христос.



















