Манчестер Јунајтед го отпушти Мајкл Карик откако тимот падна на 18. место во Премиер лигата по неделното реми со Астон Вила, објави клубот од Олд Трафорд.
„По разочарувачкиот почеток на сезоната, клубот дојде до исклучително тежок заклучок дека е потребна промена за да ги оствариме нашите амбиции. Мајкл е, и секогаш ќе биде, легенда на Манчестер Јунајтед. Исто како што беше како играч, тој се однесуваше според највисоките стандарди на посветеност и професионализам за време на неговото враќање во клубот. Неговото лидерство и достигнувања минатата сезона секогаш ќе се паметат со задоволство“, соопшти Јунајтед.
Керик се приклучи на Јунајтед во јануари како привремено решение, но клубот му го продолжи договорот по добриот почеток.
Во 32 натпревари на клупата за „Црвените ѓаволи“, тој постигна 15 победи, осум нерешени и девет порази.
Под негово водство, Јунајтед минатата сезона имаше низа одлични резултати, вклучувајќи победи во дерби натпреварите против Манчестер Сити (2:0), Арсенал на гости (3:2) и Ливерпул (3:2), и самоуверено обезбеди место меѓу првите три екипи во лигата.
Сепак, оваа сезона донесе голем и донекаде необјаснив пад, по првите 10 одиграни кола, Јунајтед има само осум бода, а во октомври и ноември има црна серија од девет последователни лигашки и куп натпревари без победа, што е најлошата таква серија од сезоната 1988/1989.
Според медиумските извештаи, „Црвените ѓаволи“ веќе некое време имаат постигнато личен договор со аргентинецот Маурисио Покетино, кој е селектор на репрезентацијата на САД со договор до средината на 2030 година и има откупна клаузула од околу девет милиони евра.






















