Одговорноста за осигурување на безбедноста на детето не е само на родителите, туку на сите нас. Мора да изградиме здрав дигитален екосистем и да обезбедиме безбедноста да не биде карактеристика што дополнително се додава во дигиталните системи, туку да биде појдовна точка при нивното дизајнирање, изјави Емине Ердоган, сопругата на претседателот Реџеп Таип Ердоган и претседателка на Советодавниот одбор на високо ниво за нулта отпад при Обединетите нации.
Првата дама на Туркије присуствуваше на настанот насловен „Невидлива архитектура: Изградба на безбедни дигитални системи за децата - развивање меѓународни стандарди и заедничка одговорност“, организиран под нејзино покровителство, во соработка меѓу Министерството за семејство и социјални услуги на Туркије, УНИЦЕФ и Канцеларијата на специјалниот претставник на генералниот секретар на ОН за насилство врз децата, на маргините на 81. Генерално собрание на ОН.
Емине Ердоган, која пеш од Турската куќа пристигна во седиштето на ОН, каде што се одржуваше настанот, на влезот лично ги пречека и разговараше со сопругите на лидерите кои се одзваа на поканата и присуствуваа на програмата.
Во нејзиното обраќање на програмата, Емине Ердоган потсети дека ОН од своето основање се домаќин на добронамерната соработка меѓу земјите, истакнувајќи дека се едно од најважните места за остварување на идеалот за изнаоѓање заеднички решенија за заедничките проблеми на човештвото.
Таа изрази големо задоволство што денес со ОН го прават првиот чекор на патот што заеднички ќе го изодат за благосостојбата на децата и му се заблагодари на специјалниот претставник на генералниот секретар на ОН за насилство врз децата и на УНИЦЕФ за соработката.
Децата се претворени во целна група на чиј ум и внимание е фрлено око
Емине Ердоган се заблагодари на Министерството за семејство и социјални услуги на Туркије, кое го организираше овој собир, и на гостите кои со присуството го збогатија состанокот.
Нагласувајќи дека децата се највредната алка во синџирот на човештвото што се протега кон иднината и највредното наследство што треба да се заштити, Емине Ердоган рече: „Но, за жал, денес децата се претворени во целна група, сведена на кориснички профил, на чиј ум и внимание е фрлено око. Пред бихевиоралните научници, дизајнерите и невронаучниците кои сакаат да ги задржат пред екраните, тие се целосно сами и беспомошни.“
Емине Ердоган укажа дека истражувањата секојдневно даваат нови податоци за штетите што изложеноста на екраните ги предизвикуваат кај децата и продолжи:
„Намалувањето на возраста за употреба на психијатриски лекови кај децата до само 5 години, зависничкото однесување и биолошките оштетувања во детскиот мозок поврзани со употребата на екрани се само некои од нив... Секако, нашата цел овде не е дигиталните платформи во целост да ги означиме како закана или да се свртиме кон спротивставување на технологијата. Но мора да прифатиме дека технологијата е прашање кон кое треба многу внимателно да се пристапи. Не можеме да бидеме неми сведоци на тоа технологијата што ја измисливме со свои раце, пред нашите очи да измислува нов тип човек кој ќе служи на нејзините сопствени цели. Зашто дигиталните платформи веќе долго време не се само средство за комуникација. Тие се моќни системи кои ги насочуваат и поединците и општествата и повторно го дизајнираат секој аспект од животот. И, за жал, доброто на детето доаѓа по профитот и целта за зголемување на интеракцијата по секоја цена. Затоа, мора да ја отстраниме доминацијата на овие репресивни системи врз децата.“
Ограничувањето на времето пред екран не е едноставно прашање на волја
Наведувајќи дека досега сите направиле сè што можеле на индивидуално ниво за да се борат против несаканите ефекти од дигитализацијата, Емине Ердоган рече: „Но, свесни сме и дека со мерки како поголема дигитална писменост или родителска контрола не може да се бориме против огромната алгоритамска архитектура со која се соочуваме. Не можеме ограничувањето на времето пред екран да го сведеме на едноставно прашање на волја“.
„Одговорноста за обезбедување на безбедноста на детето не е само на родителите, туку на сите нас. Мора да изградиме здрав дигитален екосистем и да осигуриме безбедноста да не биде карактеристика што дополнително се додава во дигиталните системи, туку да биде појдовна точка при нивното дизајнирање.
Технологијата не смее да стане област туѓа на вредностите на човештвото, недефинирана, неограничена, нефилтрирана и полна со невидливи стапици. Таа треба да биде нова и чиста страница отворена во големата приказна на човештвото.“
Емине Ердоган потсети дека многу земји кои ги споделуваат овие чувствителности презеле правни и технички мерки во однос на користењето на социјалните медиуми од страна на децата и го истакна следново:
„Како Туркије, ние сме земја која рано ги спроведе овие мерки. Но, факт е дека тоа што секоја земја поединечно воведува регулативи кон технолошките компании кои дејствуваат на глобално ниво го попречува стандардизирањето. Затоа, мора да ги обединиме нашите заеднички напори. Во овој момент, наместо различни национални практики, мора да развиеме заеднички глобални стандарди. Овие стандарди треба заеднички да ги воспоставиме под покровителство на Обединетите нации. Со редовни механизми за следење и известување треба да обезбедиме развивање заеднички пристап кон спроведувањето меѓу земјите. Треба да ја зајакнеме одговорноста на технолошките компании и дигиталните платформи и да создадеме основа за тие да имаат еднаква одговорност во заштитата на децата. Лично, верувам дека само со преземање на овие чекори можеме да ја ослободиме дигиталната иднина на човештвото од безвластието.“
Во воведниот дел на програмата, свое обраќање имаа и кралицата на Белгија, Матилда, министерката за семејство и социјални услуги, Махинур Оздемир Ѓокташ, како и координаторот за детски права во Министерството за семејство и социјални услуги и УНИЦЕФ Туркије, Ахмет Јигит Башоглу.
По воведните обраќања, следуваше сесијата на сопругите на лидерите.
На сесијата говореа сопругата на претседателот на Гамбија, Фатумата Бах-Бароу, сопругата на претседателот на Србија, Тамара Вучиќ, сопругата на претседателот на Сиера Леоне, Фатима Маада Био, сопругата на претседателот на Литванија, Дијана Науседиене, сопругата на претседателот на Бурунди, Анџелин Ндајишимије, сопругата на претседателот на Кенија, Рејчел Руто, сопругата на претседателот на Гватемала, Лукресија Еугенија Пеинадо Виљануева, сопругата на претседателот на Сенегал, Мари Коне Феј, партнерката на претседателот на Романија, Мирабела Градинару, сопругата на претседателот на Чиле, Марија Пија Адриасола Бароилет, сопругата на премиерот на Либан, Сахар Салам, и сопругата на премиерот на Канада, Дијана Фокс Карни.
На затворањето на програмата говореа директорката за заштита на децата на УНИЦЕФ, Шима Сен Гупта, и специјалната претставничка на генералниот секретар на ОН за насилство врз децата, д-р Наџат Маала М’џид.
На почетокот на програмата, Емине Ердоган, кралицата на Белгија, Матилда, сопругите на лидерите и другите високи претставници направија заедничка фотографија.
На програмата присуствуваа и сопругата на премиерот на Северна Македонија, Рози Мицкоска, сопругата на претседателот на Киргистан, Ајгул Џапарова, министерот за правда Акин Ѓурлек, министерот за здравство Кемал Мемишоглу и претседателот на Фондацијата за нулта отпад Самед Аѓирбаш, главните и одговорни уредници на телевизиите и весниците, како и голем број гости.
На настанот беше прикажано видео што ја одразува заедничката одговорност за создавање безбедни дигитални системи за децата против ризиците на дигиталниот свет.





















