Планираниот безбедносен договор меѓу Данска, Гренланд и САД ќе му додели на НАТО поширока улога во безбедноста на Арктикот, изјави вчера данскиот министер за надворешни работи Ларс Локе Расмусен.
Се очекува договорот да биде потпишан во вторник, на маргините на Генералното собрание на ОН во Њујорк. Неговите одредби не се јавно објавени.
„Тој ќе биде во форма според која одговорноста за безбедноста на Арктикот нема да биде само данска или американска“, изјави Расмусен во неделата за националниот радиодифузер ТВ2.
Тој додаде дека, во голема мера, „НАТО ќе биде тој што ќе се грижи за Арктикот“.
Расмусен не ги соопшти деталите од договорот.
„Но, уште од почетокот рековме дека сме отворени да ги земеме предвид легитимните безбедносни интереси на САД“, изјави тој денеска за данската новинска агенција „Рицау“.
Американскиот претседател Доналд Трамп го опиша договорот поинаку, наведувајќи во објава на „Трут соушл“ (Truth Social) во петокот дека тој ќе му овозможи на Вашингтон „трајна контрола врз безбедноста и сите други потреби на Гренланд“.
Тој исто така рече дека на ниту еден противник на САД нема да му биде дозволено да има база или воено присуство на Гренланд без писмено одобрение од Вашингтон.
Данска и Гренланд не ги коментираа тврдењата на Трамп.
Данска претходно призна дека со децении недоволно инвестирала во одбраната на Гренланд и вети дека ќе го зајакне военото присуство на островот, вклучително и преку дополнителни трупи на НАТО.






















