Северна Кореја денес истрелала повеќе балистички ракети со краток дострел кон Жолтото Море, објави „Јонхап њуз“.
Здружениот штаб на вооружените сили на Јужна Кореја соопшти дека ракетите биле детектирани околу 13 часот по локално време (4:00 часот по Гринич) и дека биле лансирани од областа Џонгџу во провинцијата Северен Пјонган.
Во соопштението се наведува дека истреланите проектили се идентификувани како балистички ракети со краток дострел, кои вообичаено се дефинираат како ракети со дострел под 300 километри.
Сеул соопшти дека го засилил надзорот и дека будно следи евентуални дополнителни лансирања, истовремено координирајќи го споделувањето информации со САД и Јапонија и одржувајќи целосна воена подготвеност.
Најновите тестирања следуваат по неодамнешните ракетни лансирања, вклучувајќи ги лансирањата со краток дострел во април и тестирањето крстосувачки ракети под надзор на севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун на 12 април.
Лансирањето, исто така, доаѓа во време на шпекулации дека кинескиот претседател Си Ѓинпинг би можел да ја посети Северна Кореја во претстојните недели.
Во меѓувреме, Јужна Кореја упати апел за соработка со Сеул за унапредување на мирот на Корејскиот Полуостров, набрзо откако Пјонгјанг истрела повеќе ракети.
„Уште еднаш ја повикуваме Северна Кореја да одговори на нашата мировна политика и на напорите за ублажување на тензиите“, изјави портпаролот на Министерството за надворешни работи, Пак Ил.









