| Macedonian
ТУРКИЈЕ
6 мин читање
Што всушност ќе прави првото лунарно вселенско летало на Туркије?
Туркије ја подготвува својата прва мисија во длабоката вселена, со вселенско летало развиено во земјата, чие лансирање е планирано за вториот квартал од 2027 година
Што всушност ќе прави првото лунарно вселенско летало на Туркије?
Aко сѐ се одвива според планот, ракетата-носач на СпејсX ќе го однесе леталото во земјината орбита во вториот квартал од 2027 година

Туркије се подготвува да го испрати своето прво вселенско летало надвор од орбитата на Земјата- мисија дизајнирана не само за проучување на Месечината, туку и за тестирање дали сателитските технологии можат да функционираат автономно во длабоката вселена.

Според раководителот на проектот, лансирањето на леталото е планирано за вториот квартал од 2027 година. Тоа ќе патува околу два месеци пред да влезе во кружна поларна орбита, на висина од приближно 100 километри над површината на Месечината. 

Се очекува таму да функционира најмалку три месеци, при што мисијата може да се продолжи и до 1,5 година, во зависност од перформансите.

„Ќе добиеме важни снимки од Месечината, ќе користиме камери со висока резолуција и ќе собираме научни податоци“, изјави за Анадолу Бурак Јаглиоглу, раководител на проектот при Институтот за истражување на вселенски технологии на Советот за научни и технолошки истражувања на Туркије (TУБИТАК УЗАЈ), за време на Меѓународниот астронаутички конгрес во Анталија.

Оваа мисија претставува прва фаза од турската Програма за истражување на Месечинат, која е една од 10. стратешки цели на нејзината Национална вселенска програма. 

Поширока цел е да се прошират вселенските капацитети на земјата надвор од орбитата на Земјата и да се подготват технологијата и искуството потребни за поамбициозни мисии до Месечината.

Првиот чекор подалеку од Земјата

Туркије со години развива и управува со сателити во орбитата на Земјата, вклучувајќи го сателитот за набљудување на Земјата ИМЕЦЕ и комуникацискиот сателит ТУРКСАТ 6A.

Сепак, активностите во близина на Месечината претставуваат значително поинаков предизвик.

Според TУБИТАК, лунарното вселенско летало, кое тежи околу 3,5 тони, содржи повеќе од 80% компоненти произведени во Туркије. Производството, склопувањето и интеграцијата завршиле во септември, а вселенското летало сега влезе во фаза на еколошко тестирање на системско ниво пред неговото лансирање.

Леталото ја користи платформата TстарД-100, развиена од TУБИТАК УЗАЈ специјално за мисии во длабоката вселена. Од вкупно 65 компоненти клучни за мисијата, 56 се произведени со домашни капацитети, додека неколку системи се засноваат на технологија претходно развиена за турските програми ИМЕЦЕ и ТУРКСАТ 6A.

„За првпат ќе влеземе во орбитата на небесно тело различно од Земјата и таму ќе спроведуваме операции“, изјави Јаглиоглу.

Тој истакна дека тимот сам ги дизајнирал леталото и архитектурата на мисијата, а и софтверот исто така се развива домашно.

Целта, според него, не е само да се стигне до Месечината, туку да се покаже дека Туркије може да дизајнира и управува со вселенско летало што оперира длабоко во вселената, како и да прибира научни податоци од него.

Како ќе се снаоѓа околу Месечината?

Една од поамбициозните технолошки демонстрации на мисијата вклучува автономна навигација.

Вселенско летало што кружи околу Месечината не може да се потпре на ГПС на начинот на кој тоа го прави возило на Земјата. Наместо тоа, Туркије развива систем за навигација заснован на слики, кој ќе користи препознатливи карактеристики на површината на Месечината, вклучително и кратери, за да ја одреди позицијата и ориентацијата на леталото.

„Развиваме систем за навигација заснован на слики“, рече Јаглиоглу. 

„Тие ќе ја одредуваат позицијата и ориентацијата на нашето летало преку набљудување на кратерите на површината на Месечината, со што леталото ќе може да спроведува автономни операции во месечевата орбита.“

Таа способност би можела да стане особено важна за идните мисии во кои леталото ќе треба да се движи со помало потпирање на команди од Земјата.

Леталото ќе носи и четири научни инструменти (товари). Два од нив се развиени домашно, додека другите два се развиени преку меѓународна соработка со истражувачи од Шведска и Кина. 

Инструментите ќе ја проучуваат, меѓу другото, интеракцијата помеѓу сончевиот ветер и површината на Месечината, локалната магнетна средина на Месечината и процесите поврзани со создавањето вода.

Неговиот систем за снимање е дизајниран да обезбедува панхроматски слики со резолуција до 0,7 метри, како и РГБ-снимки и видео од широки области. 

Што се случува по научните активности?

Првата мисија не е дизајнирана за меко слетување.

По завршувањето на планираните научни активности во месечевата орбита, се очекува вселенското летало намерно да биде упатено кон површината на Месечината преку контролирани маневри со користење на неговиот погонски систем. TУБИТАК ова го опишува како тврдо слетување на крајот од првата мисија.

За клучните маневри, вклучително и подигнувањето на орбитата на леталото и конечното контролирано спуштање, ќе се користи хибриден погонски систем развиен во земјата во соработка со турската компанија ДелтаВ (DeltaV).

Оваа разлика е важна бидејќи мекото слетување следува подоцна.

Втората мисија на Туркије

Мисијата на Месечината е планирана така што ќе се надоврзе на искуството од првата мисија и ќе се обиде да изведе контролирано слетување на површината, по што ќе следи распоредување на ровер за истражување на теренот.

Јаглиоглу изјави дека поради тоа, двете мисии се разгледуваат заеднички.

„Втората мисија вклучува меко слетување и спуштање на ровер на површината“, рече тој. 

Додека работел на првата мисија, додаде тој, тимот истовремено планирал и за втората, дизајнирајќи ги нејзините системи врз основа на архитектура соодветна за слетување и истражување на површината.

Зошто е важна оваа мисија?

За Туркије, лунарната програма претставува тест за многу пошироки технолошки капацитети.

Националната вселенска програма на земјата беше претставена во 2021 година и опфаќа цели кои се движат од развој на домашни сателитски технологии до испраќање вселенско летало на Месечината. 

Туркије, исто така, ја спроведе својата прва мисија со човечки екипаж во вселената во 2024 година, кога астронаутот Алпер Гезеравџи отпатува до Меѓународната вселенска станица.

Лунарната мисија го претставува следниот чекор: управување со вселенско летало во средина далеку надвор од земјината орбита.

Јаглиоглу изјави дека комуникациските системи, системите за напојување, компјутерите за лет, софтверот и другите компоненти на леталото ќе го стекнат она што во индустријата се нарекува „летачко искуство“ (flight heritage)- односно оперативно искуство што може да послужи како основа за идните мисии.

„Ова исто така ни донесе важно искуство“, рече тој, осврнувајќи се на развојот на првото вселенско летало и подготовките за втората мисија.

За Туркије, тоа искуство на крајот може да биде подеднакво важно како и научните податоци собрани од Месечината.

Вселенското летало во моментов минува низ тестирања за акустика, вибрации, термален вакуум и електромагнетна компатибилност, дизајнирани да ги симулираат условите со кои ќе се соочи за време на лансирањето и во вселената. 

Доколку тестирањето и финалните подготовки се одвиваат според планот, леталото ќе биде транспортирано до Вселенскиот центар Кенеди во САД, од каде што ракетата-носач на компанијата СпејсX ќе го однесе во Земјината орбита.

Потоа, вселенското летало ќе го искористи својот погонски систем Делта-В за да го започне патувањето кон Месечината.

Според министерот за индустрија и технологија, Мехмет Фатих Каџир, Туркије има за цел да стане деветтата земја што ќе спроведе мисија на Месечината. 

Како што истакна Јаглиоглу, целта не е само да се стигне до Месечината, туку технологиите, инженерските решенија и научните капацитети развиени за тоа патување да се претворат во основа за следната генерација мисии на Туркије во длабоката вселена.

Извор: АА

Повеќе
Извозот на Туркије во балканските земји во периодот јануари-септември речиси 19 милијарди долари
Туркије и Франција потпишаа патоказ за продлабочување на врските во одбраната и безбедноста
Туркије и Кина потпишаа договор за сателитски технологии на астронаутичкиот конгрес во Анталија
Фидан: Туркије ги завршува подготовките за поднесување на Одбранбениот пакт од Мека до Парламентот
Туркије ја става макрофинансиската стабилност во преден план
Каџир: Туркије го удвои својот удел во глобалната додадена вредност на производството
Ердоган и Путин разговараа за односите меѓу Туркије и Русија и за безбедноста на Црното Море
Астронаутка на НАСА родена во Туркије се подготвува за својата прва вселенска мисија
Турскиот одбранбен сектор се профилира како партнер на Европа, со сè поголемо глобално присуство
Одбранбената алијанса од Мека го активира колективното одвраќање против нападите на Хутите
Туркије остро ги осуди активностите на Израел во сириската покраина Кунејтра
Ердоган: Туркије нема да се откаже од своите вселенски амбиции
АСЕЛСАН ќе развива хибриден систем за противвоздушна одбрана вреден 2.75 милијарди долари
Во Анталија, Туркије, започнува најголемиот светски годишен собир посветен на вселената
Чичкото со големи мустаќи ја одржува жива анадолската култура и традиција на Јуруците
Приказна за единственото турско село што не го сака пушењето
Ѓулер: Безбедноста на Кавказ е нераскинливо поврзана со безбедноста на Туркије, Азербејџан и Грузија
Турската Црвена полумесечина му помага на Палетинец да прооди откако Израел му ја одзел протезата
Туркије ги отфрли тврдењата дека била домаќин на состанок меѓу Сирија и Хезболах
Ердоган: Иницијативата „Туркије без терор“ донесе нов импулс во регионот