Местото на овој народ, на граѓаните на нашата Македонија, е таму, на масата во Брисел со нив, како полноправна членка на Европската Унија, порача вчера претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на одбележувањето на 36-от роденден на партијата во Струмица, но нагласи дека нема да се прифатат отстапки поврзани со националниот идентитет.
„Местото на овој народ, на граѓаните на нашата Македонија, е таму, на масата во Брисел како полноправна членка на Европската Унија, но тоа нема да биде спринт, туку маратон“, порача Мицкоски, повикувајќи на издржливост и борба во процесот на евроинтеграции.
Тој испрати порака до европските институции дека очекува јасни гаранции оти нема да има нови билатерални условувања и дека македонскиот идентитет, јазик и култура се константа и неспорен факт.
„Донесете заклучок дека нема повеќе билатерални прашања, дека е константа и факт македонскиот многувековен идентитет, култура, традиција, обичаи, јазик. И дека нема повеќе никој да ја отвора таа тема. Нема цена. Нема слава, нема моќ што може да ме убеди дека без овие работи, ќе прифатиме било што. Ова е нашата црвена линија. Сите треба да не слушнат гласно и јасно. Нема пазарење со идентитетот наш македонски“, истакна Мицкоски.
Во обраќањето тој ја обвини поранешната власт, сега опозиција, дека со своите политики нанела сериозна штета на државата и на нејзиниот пат кон Европската Унија.
„Создадоа голем проблем на нашиот пат кон Европа, потпишувајќи договори што ја обврзуваат државата на нешто што никој од граѓаните не би го прифатил“, рече Мицкоски, додавајќи дека, според него, тие чекори биле резултат на желба за власт и опстанок на власт.
Во контекст на спорот со источниот сосед, Мицкоски посочи и на пресудите на Европскиот суд за човекови права, нагласувајќи дека правилата треба да важат еднакво за сите.
„Не може само за нас да важат договори и обврски. Или за сите или за никој“, истакна тој.
Мицкоски го повика членството и граѓаните да се подготват за, како што рече, „долга и тешка борба“ за зачувување на националните интереси и напредок кон европската иднина.


















