Германија и Јапонија ќе ги истражат можностите за соработка во развојот на борбен авион од новата генерација, потврди денес германскиот канцелар Фридрих Мерц.
На заедничката прес-конференција со јапонската премиерка Санае Такаичи во Токио, Мерц истакна дека двете земји имаат цел да ги продлабочат одбранбените односи за да придонесат за безбедноста и стабилноста во Европа, како и во Индо-пацифичкиот Регион.
„Ќе ја зајакнеме нашата соработка во секторот за вооружување преку заеднички проекти за иновативни одбранбени капацитети на иднината“, рече Мерц. „Во овој контекст, имаме намера да ја истражиме и можноста за соработка во развојот на борбени авиони. Подготвено е овластување за разгледување на ова прашање.“
Мерц не даде дополнителни детали, но неговите изјави беа протолкувани како знак за интересот на Германија за Глобалната програма за борбен воздухоплов, иницијатива за развој на борбен авион од новата генерација, предводена од Јапонија заедно со Италија и Велика Британија.
Ова следи по пропаѓањето на долгогодишниот проблематичен германско-француски проект за борбен авион, познат како „Идниот борбен воздушен систем“, па Берлин бара алтернативни можности.
Двајцата лидери се согласија да ги зајакнат синџирите на снабдување со критични минерали и соработката во одбранбената индустрија, изјави Такаичи, според новинската агенција „Кјодо“.
„Се согласивме дополнително да ја зајакнеме нашата стратегиска соработка во широк спектар области“, рече таа, додавајќи дека двете земји остануваат посветени на зачувувањето на меѓународниот поредок и придонесот кон глобалната стабилност.
„Германија и Јапонија ќе воспостават рамка за дијалог на високо ниво за вештачката интелигенција и ќе ја поттикнуваат соработката меѓу приватните компании во напредните технологии, како што се нуклеарната фузија и водородот“, истакна Такаичи.


























