Францускиот министер за надворешни работи, Жан-Ноел Баро, во средата обвини странски движења дека шират искривени слики за неодамнешните протести, со цел да го ослабат угледот на Франција во странство.
Тој за телевизијата „Франс 2“ изјави дека снимките од протестите биле „искористени, искривени и преувеличени“ од оние што сакале да му „нанесат штета“ на угледот на земјата во странство.
„Станува збор за ривали, конкуренти и движења што потекнуваат од САД, Израел, Русија, а понекогаш и од Кина, кои сакаат да нè ослабат и да го нарушат нашиот углед во странство“, рече Баро.
Тој додаде дека тие ги искривуваат сликите и „раскажуваат своја приказна за Франција“.
Баро, исто така, посочи на зголемениот број објави на социјалните мрежи во кои „одржаните демонстрации се припишуваат на масовната имиграција или на радикалниот ислам“.






















