Фудбалските репрезентации на Италија, Шведска, Полска, Косово, Туркије,Чешка, Босна и Херцеговина и Данска се најдоа на чекор од квалификациите за Светското првенство оваа година по победите во полуфиналните натпревари од дополнителните европски квалификации.
Репрезентацијата на Италија не дозволи кикс како пред четири години, кога беше елиминирана од Македонија во првиот бараж-меч, па вечерва со сигурни 2:0 славеше над Северна Ирска.
Сепак, Италија многу потешко од очекуваното го скрши отпорот на противникот, а првиот гол беше дело на Тонали во 56. минута. Конечните 2:0 ги постави Кеан во 80. минута.
Италија во финалето на плејофот ќе игра против БиХ, која го победи Велс, по пенал рулетот. Во регуларните 90 минути резултатот беше 1:1. Поведе домаќинот Велс со голот на Џејмс во 51. минута, а ветеранот на гостите, Џеко израмни во 86. минута. Продолженијата поминаа без поголеми возбудувања, па се премина на изведување на пеналите во кои подоби беа гостите и славеа со 4:2.
Шведска со хет-трикот на Виктор Ѓекереш дојде до победа над Укрина со 1:3 на неутрален терен во Валенсија, па во финалето ќе играат против Полска на домашен терен.
Во Варшава, играчот на Динамо, Арбер Хоџа, постигна гол на крајот од првото полувреме за голема прослава за Албанците, но подоцна, разиграниот домаќин успеа да го сврти резултатот во своја корист. Прво, Левандовски по корнер погоди со глава во 63. минута за 1:1. Десет минути подоцна Зиелински шутираше од 25 метри и постигна гол за водство и победа од 2:1 за Полјаците.
Данска ја победи Северна Македонија со 4:0 пред своите навивачи во Копенхаген. Гостите успешно ги одбиваа напади во текот на целото прво полувреме, но паднаа на старот од продолжението. Прво, Дамсгард го отвори резултатот во 49. минута, а потоа следеа два брзи гола, во 58. и 59. минута, со што практично го решија натпреварот. Четвртиот гол за Данците го постигна Норгард.
За пласман на Мундијалот, Данска ќе игра на гости против Чешка, која славеше по пенали против Ирска.
Во Прага, натпреварот започна шокантно за домаќините. По нешто повеќе од дваесет минути игра, гостите имаа водство од 0:2. Прво, Парот реализираше пенал во 19. минута, додека во 23., целата чешка одбрана се заплетка и буквално ја турна топката кон грбот на голманот Ковар и влезе во мрежата.
Чешка успеа брзо да се врати во игра, а Шик постигна гол од пенал за 1:2 во 27. минута. Немаше промени до 86. минута, кога Крејчи успеа да ја круниса подобрата игра на Чесите и постигна за продолженија, а подоцна и на пенали.
Ирците ја добија раната предност во изведувањето на пенали, ги погодија првите три удари, а Чесите го промашија третиот пенал. Но, потоа Азаз и Браун не успеаја да ги реализираат шутевите на гостите, а двајцата чешки стрелци беа прецизни.
Едно место на Светското првенство ќе го пополни победникот од дуелот Косово-Туркије. Во полуфиналето, Косово ја победи Словачка со 3:4 на гости, а Туркије ја победи Романија со 1:-0 пред своите навивачи.
Дуелот во Братислава започна идеално за Словаците. Тие поведоа во шестата минута кога Валјент постигна гол. Сепак, домашните не уживаа во предноста долго, бидејќи Хоџа постигна гол од врвот на шеснаесетникот за 1:1.
Словачка замина на паузата со водство по голот во последните моменти од првото полувреме. Хараслин изведе слободен удар целосно накосо, а откако не допре никого, топката заврши во мрежата за уште една голема домашна прослава.
Косово воопшто не беше обесхрабрено, па израмни на почетокот од второто полувреме со голот на Аслани во 47. минута. Целосен пресврт се случи по еден час игра кога Муслија од слободен удар погоди 2:3 за Косово. Косовците играа во транс и го зголемија водството во 72. минута со голот на Хајризи.
Стрелец успеа да го намали резултатот на 3:4 во 94-та минута, но веќе беше предоцна за Словаците.
Туркије, во претходно одигран термин славеше против Романија со 1:0 во Истанбул, а за пласман на Мундијалот ќе игра во Приштина.













