Уставниот суд на Косово одлучи да го поништи указот на претседателката Вјоса Османи од 6 март за распуштање на Собранието, прогласувајќи го за неважечки.
Според одлуката, која стапи на сила во среда, судот пресуди дека пратениците на косовското Собрание имаат 34 дена да го завршат процесот на избор на претседател на државата.
Ако овој процес не се заврши во тој рок, Собранието автоматски ќе се распушти во согласност со Уставот и ќе се организираат предвремени избори.
На овој начин, Судот го прифати барањето на премиерот Албин Курти во име на Владата, како и барањето на пратеничката Арберија Нагавчи во име на 30 пратеници, поднесено на 9 март, утврдувајќи дека претседателскиот декрет за распуштање на Собранието не произведува никаков правен ефект.
Уставниот суд нагласи дека рокот утврден во точка 2 од член 86 од Уставот, кој предвидува дека изборот на нов претседател мора да се одржи најдоцна 30 дена пред истекот на мандатот на сегашниот претседател, е „обврзувачки и конечен и дека, со оглед на обврзувачката природа на овој рок, тој не може да се релативизира“.
Сепак, Судот утврди дека Собранието конституирано на 11 февруари немало 60 дена за да ги заврши процедурите за избор на претседател, рокот утврден во подточка 3 од став 1 од член 82 од Уставот.
Косовската претседател Вјоса Османи го издаде декретот на 6 март, денот откако Собранието не успеа да избере нов претседател поради недостаток на кворум.
Претседателката го оправда указот со тоа што наведе дека 5 март е крајниот рок за избор на нов претседател на Косово, со оглед на тоа што нејзиниот мандат завршува на 4 април, и дека пратениците не ги почитувале роковите пропишани со закон.
Од друга страна, владејачката партија, Движењето Самоопределување, се спротивстави на овој став, нагласувајќи дека претседателскиот указ нема правна основа, бидејќи процесот на претседателски избори започна на 5 март и, според Уставот, постои рок од 60 дена за негово завршување, поради што поднесе жалба до Уставниот суд.















