Ткаенината на еден народ: Македонската традиција од етнолошка перспектива
КУЛТУРА
3 мин читање
Ткаенината на еден народ: Македонската традиција од етнолошка перспективаКултурното наследство, треба постојано да се интегрира во современото живеење, образованието и јавниот дискурс, за да остане релевантно и одржливо
Ткаенината на еден народ: Македонската традиција од етнолошка перспектива / TRT Balkan MK

Колку повеќе едно општество покажува интерес за сопствената традиција, толку поголема е потребата таа традиција да се оживува, преиспитува и прилагодува на современиот контекст. Токму низ таа перспектива, етнологијата не ја третира традицијата како нешто статично, туку како жива и променлива ткаенина на идентитетот.

„Една народна песна може да надживее генерации, но само ако утре има кој да ја запее. Кога гласовите ќе замолкнат, културното наследство не исчезнува, туку чека да биде оживеано во современа форма“- мисла што ја отвора пошироката дилема за односот меѓу минатото и сегашноста и за начинот на кој традицијата продолжува да живее во нови општествени контексти.

Проф. д-р Љупчо С. Ристески од Институтот за етнологија и антропологија, во разговор со ТРТ Балкан, потенцира дека музиката, музичката уметност и музичката традиција се нераздвоен дел од личниот и колективниот идентитет. Според него, токму преку практичната работа на студентите се создава нов пристап кон претставувањето и зачувувањето на традицијата.

„Во рамките на студиската програма Менаџмент и заштита на културно наследство, студентите самостојно организираа снимања на народни и староградски музички инструменти, како и ритмови карактеристични за македонската музичка традиција, меѓу кои и ⅞  тактови“, посочува професорот. Овие материјали, додава тој, овозможуваат систематско документирање на мелодиите, инструментите и стилските особености на македонската музика.

Дигитализацијата, сепак, не значи физичко зачувување на материјалното наследство, туку негово подолгорочно пренесување во нови формати. „Со дигитализацијата нема да ги заштитиме од распаѓање носиите или старите ленти, но ќе ги пренесеме во формати што ќе траат подолго и ќе бидат достапни за идните генерации“, објаснува Ристески.

Народната носија, според него, сè уште е дел од живата обредна култура и не може лесно да се прогласи за исчезната. Традицијата, вели, опстојува сè додека постојат луѓето и нивните форми на општествено и обредно живеење. Но, таа никогаш не се зачувува во идентична форма како пред еден век, таа се трансформира заедно со општеството.

Професорот укажува дека современите генерации активно одлучуваат како ќе се однесуваат кон минатото и што ќе вклучат во сопствениот културен наратив. „Ние денес одлучуваме како ќе гледаме кон традицијата, што ќе избереме да биде дел од неа, а што ќе остане на маргините“, вели тој.

Токму затоа, современото творештво- било музичко, театарско или авторско- неизбежно се темели врз претходната традиција. Без таа основа, како што нагласува Ристески, делото тешко може да има вистинска тежина и културна вредност.

Еден од клучните предизвици за етнологијата и антропологијата, според него, останува недостатокот на ресурси и долгорочни културни политики. И покрај декларативниот интерес за традицијата и идентитетот, систематските истражувања се отежнати поради ограничени финансиски средства и недоволна институционална поддршка.

„Ако нешто е алармантно потребно денес, тоа е забрзување и интензивирање на процесот на дигитализација на културното наследство“, истакнува професорот, додавајќи дека современите технологии и вештачката интелигенција отвораат нови можности за архивирање, презентација и интерактивно пренесување на културните содржини.

Во тој контекст, улогата на институциите не е наследството да го „конзервираат“ како затворен експонат, туку да го третираат како дел од живиот идентитет на заедницата. Културното наследство, според Ристески, треба постојано да се интегрира во современото живеење, образованието и јавниот дискурс, за да остане релевантно и одржливо.

Наследството не исчезнува само по себе, тоа се повлекува тогаш кога заедницата престанува активно да го негува. Затоа, зачувувањето на етнологијата не е исклучиво задача на институциите, туку заедничка одговорност на училиштата, семејствата и општеството во целина. Само така традицијата престанува да биде минато и станува дел од современиот идентитет.


Повеќе
Тројца убиени во најнов американски напад врз брод што наводно шверцувал дрога во Пацификот
Земјотрес со магнитуда од 6,2 степени го погоди јапонскиот остров Хокаидо
Арагчи слета во Москва додека Иран турка по дипломатски пат на сите фронтови
Израел уби 14 лица во напади во јужен Либан, додека прекинот на огнот се распаѓа
Николоски: ЕУ ни помагаат за изградба на коридорите
Муцунски за нападот врз Трамп: Насилството нема место во демократските општества
Ердоган во телефонски разговор со Трамп пукањето во Вашингтон го нарече „грозоморен чин“
Трамп потврди дека полицаец е застрелан на вечерата на дописниците од Белата куќа
Каш нуди повеќе од бегство на море во Туркије
Како Белгија го разоткри тајниот британски канал за снабдување на Израел со оружје
САД со сè помалку воени залихи: Колку е сериозен проблемот?
ЕУ поделена околу суспендирањето на договорот со Израел: кој е на која страна?
Зошто Израел е сè уште надвор од преговарачката маса во преговорите со Иран?
Доктори од „8 Септември“ и Клиниката за дерматологија меѓу уапсените за шверц на ботокс
Фидан: Забелешките на Урсула фон дер Лајен за Туркије се „несреќни“