Романскиот Парламент денеска изгласа недоверба на проевропската влада предводена од Илија Боложан, по иницијатива на претставници на Социјалдемократската партија (ПСД), Алијансата за обединување на Романците (АУР) и ПAЦE - Романија на прво место, според романските медиуми.
Вкупно 281 пратеник од 464 колку што има Парламентот гласаа за предлогот, четворица пратеници беа против него, додека три гласа беа неважечки, објавува Аѓерпрес.
Предлогот за гласање недоверба, насловен како „СТОП на планот на Боложан за уништување на економијата, осиромашување на населението и нелегална продажба на државен имот“, го потпишаа 254 пратеници.
Нова политичка нестабилност во Романија го отвори прашањето за спроведување на фискални реформи, кои се клучни за намалување на буџетскиот дефицит на земјата.
Политичката криза доаѓа во време кога Романија треба да спроведе реформи за да обезбеди околу осум милијарди евра од фондот за закрепнување на ЕУ, кој истекува по август.
Овие средства се клучни за намалување на буџетскиот дефицит, кој достигна 7,7 проценти од БДП минатата година, како и за стабилизирање на кредитниот рејтинг и финансиските трошоци.
Финансиските пазари веќе реагираа, бидејќи романската валута се држеше близу до историски најниското ниво од околу 5,2 леи за евро, додека приносите на десетгодишните државни обврзници се искачија на 7,36 проценти, највисоко ниво во Европската Унија.
Политичката ситуација останува неизвесна, бидејќи социјалдемократите одбиваат да соработуваат со крајно десничарската Алијанса за обединување на Романците, додека постојните проевропски партии се поделени околу формирањето нова коалиција.
Падот на владата на премиерот Илија Боложан доаѓа само 10 месеци по формирањето на коалиција од четири партии, која имаше за цел да го спречи зајакнувањето на екстремната десница во земјата.
Претседателот на Романија, Никушор Дан, сега треба да одржи консултации со партиите за да формира ново мнозинство, додека владата во заминување ќе служи на технички мандат со ограничени овластувања.










