Веднаш по полноќ, на надворешните граници на Шенген зоната започна целосната примена на системот за влез и излез - EEС, што предизвика огромни гужви на граничните премини на Хрватска со Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора. Гужвите беа дополнително зголемени поради велигденските празници во Србија.
Снимките од камерите на Хрватскиот автоклуб на речиси сите гранични премини кон овие земји сведочат за огромни колони возила на влезот во Хрватска.
Најтешката ситуација утрово е на граничниот премин Бајаково, каде што има долги редици на влезот во Хрватска, но и на излез од земјата.
Според српските медиуми, на излез од Србија се формирани пет колони возила, кои чекаат да влезат во Хрватска.
Според податоците на ХАК, чекањето на тој граничен премин за влез во Хрватска е околу два часа. Исто така, има големи гужви при влегување во Хрватска од Босна и Херцеговина.
Целосната примена, односно 24-часовниот режим на EEС системот (Систем за влез/излез) започна денес, 10 април, што значи дека граѓаните од трети земји ќе мора да се регистрираат преку тој систем секој пат, поради правилото за престој во ЕУ максимум 90 дена во период од 180 дена.
Системот EEС започна со работа на 12 октомври 2025 година, со постепено воведување во 29 европски земји.
На патниците од трети земји им се земаат биометриски податоци на границата, а нивните податоци се внесуваат дигитално во базата на податоци, што одзема одредено време за секој патник, а последица на тоа се големи гужви на граничните премини.

















