Бројот на загинати во рускиот напад врз брод во близина на украинскиот пристанишен град Одеса на југот од земјата се зголеми на 10, објави денес Украинската управа на морските пристаништа.
Бродот што пловел под знамето на Гвинеја-Бисао, натоварен со пченка и со екипаж од Индија и Сирија, бил погоден доцна во неделата, а украинските власти објавија дека осум членови на екипажот се спасени од бродот, објави Укринформ.
Претходно, украинскиот министер за обнова, инфраструктура и транспорт, Микола Калашник, објави дека шест членови на екипажот на трговски брод што Русија го нападнала со ракети во Црното Море во близина на Одеса се убиени, а дека четворица се водат како исчезнати.
Во меѓувреме, најмалку три лица загинале, а 41 се повредени во руски напад во текот на ноќта врз Запорожје на југоистокот на Украина, објави началникот на Воената регионална администрација на Запорожје, Иван Федоров.
Тој објави на Телеграм дека меѓу загинатите е единаесетгодишно девојче, објави Укринформ.
Агенцијата наведува дека руските сили извршиле воздушен напад врз станбен дел од Запорожје.
Украина, пак, лансирала повеќе од 400 дронови кон Москва преку ноќ, изјави градоначалникот Сергеј Собјанин.
Тој објави на платформата Макс дека повеќето од тие дронови биле неутрализирани од руските сили за воздушна одбрана на далечните приоди кон Москва, и дека 85 дронови биле уништени додека се приближувале кон Москва, објави ТАСС.
Агенцијата наведува дека обидот за напад на украински дронови врз Москва во текот на изминатата ноќ бил еден од најголемите од почетокот на војната во Украина.
Порано беше објавено дека најголемиот обид за напад врз Москва е забележан во ноќта помеѓу 6 и 7 јули оваа година, кога силите за воздушна одбрана собориле повеќе од 430 дронови.





















