Едно лице загина, а неколку се повредени откако американската армија изврши напад врз воена област југозападно од Тебриз во Северозападен Иран, јави денес новинската агенцијата „Мехр“.
Од Одделот за управување со кризи на иранската покраина Источен Азербејџан соопштија дека експлозијата што се слушнала во градот е поврзана со нападот врз воената локација.
Во нападот загина едно лице, а повеќемина се повредени, се додава во соопштението.
Ова се случи откако САД го информираа Израел дека планираат да ја интензивираат својата воена кампања против Иран во наредните денови, објави вчера израелскиот јавен сервис КАН.
Во последните 10 дена американските напади беа насочени кон Јужен Иран. Нападите врз Тебриз и Урмија, во Северен Иран, се први надвор од јужниот дел откако започна најновата ескалација пред околу 10 дена.
САД ги ескалираа нападите врз Иран во последните денови, при што Иран возврати со удари насочени кон објекти и бази за кои тврди дека се користат од американската војска во неколку земји во регионот.
До размена на оган меѓу двете земји дојде и покрај меморандумот за разбирање посредуван од Пакистан, кој го потпишаа во јуни за да ја завршат војната и да постигнат траен мировен договор.





















