Мајсторот за баглама Јахја Чекирге (56), кој живее во турскиот град Шанлиурфа, град на музиката на УНЕСКО, ја продолжува изработката на сазови што ја научил од татко му, применувајќи традиционални методи, пишува Анадолу.
По смртта на татко му Азиз Чекирге во 1992 година, кој започнал да изработува сазови во 1947 година, Јахја го презел занаетот и продолжил да го негува со знаењата и искуството стекнати уште од мали нозе.
Следејќи ги стапките на татко му, Чекирге изработува баглами од дудинка со техника на длабење. Истовремено, настапува на „сира геџеси“, музички вечери што се важен дел од музичката култура на Шанлиурфа.
Чекирге за Анадолу изјави дека сазовите што ги изработувал татко му биле познати насекаде и дека тој продолжува да го следи неговиот пристап кон изработката.
Нагласувајќи дека квалитетот на звукот на багламата зависи од времето на сушење на дрвото, дебелината на резонантниот корпус и употребените материјали, Чекирге објасни дека со месеци чека дрвото целосно да се исуши.
„Денес изработуваат сериски производи. На пример, произведуваат по 100 сазови дневно, но има огромна разлика меѓу нив и оние што се изработени рачно“, рече тој.
Истакнувајќи дека при изработката ги претпочита традиционалните методи на длабење и полирање, Чекирге рече:
„Кога длабиме, го правиме тоа внимателно и тенко. Денес некои колеги длабат, на пример, со дупчење со бормашина. Нашите инструменти се длабат со тесла. Колку е потенок ѕидот на индтрументот толку посилно и поубаво звучи сазот. На издлабените сазови не нанесувам полиестерски лак, туку политура шелак. На сите сазови рачно нанесувам политура шелак. Полиестерскиот лак ги затвора порите на дрвото, додека политурата шелак не ги затвора. Така звукот е поубав и подобро се пренесува.“
Чекирге раскажа дека со големо внимание ја чува багламата од дудинка, стара околу 70 години, која ја наследил од татко му.
„Сè на светот може да се стави на едната страна, а тој саз на другата. Дури и да ми понудат трилиони, нема шанси да го дадам. Неговата сентиментална вредност е посебна. Разликата меѓу тој саз и другите е огромна. Колку повеќе дрвото се суши, колку подолго инструментот се чува и колку повеќе се свири на него, толку станува поубав“, рече тој.
Чекирге додаде дека покрај изработката на сазови, држи и музичка настава, а настапувал на иста сцена и со Ибрахим Татлисес.
Извор: АА























