Португалскиот стручњак Жозе Мурињо е новиот тренер на фудбалерите на Реал Мадрид, објави вечерва мадридскиот клуб.
Мурињо потпиша тригодишен договор со Реал. Тој пристигна во мадридскиот клуб од Бенфика, која ја водеше од септември 2025 година.
„Управниот одбор на Реал, со кој денес претседаваше Флорентино Перез, одлучи да го назначи Мурињо за тренер на првиот тим за следните три сезони, до 30 јуни 2029 година“, објави мадридскиот клуб.
Во соопштението на Реал се наведува дека Мурињо ќе му се придружи на мадридскиот клуб на 13 јули на почетокот на подготовките за новата сезона. Тој го замени Алваро Арбелоа како тренер на Реал Мадрид.
Шпанските медиуми објавуваат дека Реал му платил на клубот од Лисабон 15 милиони евра отштета за Мурињо.
Фудбалерите на Реал ја завршија сезоната без трофеј.
Мурињо (63) веќе го тренираше Реал од 2010 до 2013 година, а потоа освои три трофеи со мадридскиот клуб. Покрај Реал и Бенфика, тој ги тренираше и Леирија, Порто, Челзи, Интер, Манчестер Јунајтед, Тотенхем, Рома и Фенербахче.














