Станува збор за македонската компанија „Депакон“, која покажува дека одржливоста и креативноста можат да одат рака под рака. Наместо илјадници неискористени фудбалски дресови да завршат како отпад, тие добиваат сосема нова намена – се претвораат во торби, капи и различни модни додатоци.
Компанијата рециклира спортска опрема што ја обезбедува нејзиниот холандски партнер FC88, кој собира дресови од фудбалски клубови и национални репрезентации. Откако ќе се променат спонзорите или договорите за спортска опрема, голем дел од неискористените залихи најчесто се испраќаат на уништување.
Наместо да завршат на отпад, во фабриката во Штип овие дресови добиваат втор живот. Од нивните материјали се создаваат практични и уникатни производи, со што не само што се намалува текстилниот отпад, туку се испраќа и силна порака за важноста на рециклирањето и одговорниот однос кон животната средина.