Мексиканската претседателка Клаудија Шаинбаум во средата одговори на изјавите на француската претседателска кандидатка Марин Ле Пен, дадени за време на еден собир, на кој таа предупреди дека нема да дозволи „мексиканизација“ на Франција поради присуството на нарко-картели.
„Таа е неинформирана, бидејќи ’мексиканизацијата‘ што треба да се прошири низ целиот свет е онаа што се однесува на вредностите на мексиканската култура – вредности како чесност, љубов, солидарност и братство, кои денес се преку потребни во целиот свет“, изјави Шаинбаум за време на нејзиниот редовен утрински брифинг.
Ле Пен, истакната фигура во француската крајнодесничарска партија „Национален собир“ (RN) и пратеничка во француското Национално собрание, викендов ја започна својата кампања со силна порака за безбедносната политика. Таа се осврна на пристапот на САД, кои ги класифицираат мексиканските нарко-картели како терористички организации, и вети бескомпромисен став во борбата против организираниот криминал.
„Нема да дозволиме Франција да западне во ’мексиканизација‘ преку присуството на картели. Без двоумење ќе ги искорениме овие криминални организации, третирајќи ги како терористи“, рече таа.
Според најновиот безбедносен извештај на Агенцијата на Европската унија за соработка во спроведувањето на законот (Европол), присуството и влијанието на латиноамериканските криминални групи во Европската унија се зголемени, особено во сферата на трговијата со дрога, при што овие групи формираат сојузи со локалните европски криминални структури.
Иако Ле Пен укажа на небезбедноста во Мексико и на организираниот криминал како главни двигатели на насилството во таа земја, во извештајот на Европол не се спомнуваат мексиканските картели. Наместо тоа, се наведуваат колумбиски организации, како што е „Клан дел Голфо“ (Clan del Golfo), бразилската група „Примеиро Командо да Капитал“ (PCC) и еквадорскиот картел „Лос Лобос“ (Los Lobos).
Сепак, постојат извештаи дека мексикански криминални организации, вклучувајќи ги картелот „Халиско – Нова генерација“ (CJNG) и картелот „Синалоа“, во последните месеци дејствуваат и во Франција. За картелот „Синалоа“ се верува дека е поврзан со лабораторија за производство на метамфетамин, која минатата година беше откриена и разбиена од француската жандармерија. Терминот „мексиканизација“ со години се користи од страна на француски политичари за да се опишат акти на насилство во Франција. Во 2024 година, францускиот министер за внатрешни работи, Бруно Ретајо, го употреби овој термин за да предупреди на растечкиот бран на насилство во земјата, по инцидент со пукање во еден ресторан.
Употребата на овој термин предизвика силно негодување кај мексиканските претставници, што доведе до реакција од страна на Амбасадата на Мексико во Франција.
„Употребата на овој израз не само што го стигматизира Мексико и создава стереотипи за него, туку и повторно ги виктимизира мексиканските семејства погодени од насилството. Исто така, се занемаруваат значајните напори што ги вложува мексиканската влада за справување со насилството во одредени делови од својата територија, а се поткопува и соработката меѓу членките на меѓународната заедница – вклучително и Мексико и Франција – во борбата против погубното влијание на трговијата со дрога и нејзините ужасни последици ширум светот“, се наведува во реакцијата.























