Јаир Голан, лидерот на главната израелска левичарска партија, во средата ги повика своите опозициски сојузници да соработуваат со арапските партии за да го соборат премиерот Бенјамин Нетанјаху од власт.
Ова доаѓа откако делумните изборни резултати покажаа дека поддршката од арапските партии ќе биде клучна за формирање владејачка коалиција.
„Повеќе не смееме да ја прифаќаме расистичката поделба на Нетанјаху меѓу еврејските и арапските гласови“, напиша тој на платформата X.
„Имаме одговорност. И имаме можност да формираме влада на промени, во партнерство со арапските граѓани на Израел (палестински Израелци).“
Според израелските медиуми, блокот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху би освоил 54 места во Кнесетот (кој брои 120 пратеници)- што е за седум места помалку од потребното мнозинство за владеење. Оваа проекција се заснова на 72,4 отсто преброени гласови на парламентарните избори во Израел.
Опозицискиот блок предводен од Гади Ајзенкот би освоил 48 места, додека партиите во кои доминираат Арапи би добиле 18 места, објави весникот „Тајмс оф Израел“, повикувајќи се на Централната изборна комисија.
Според проекциите, ниту еден од главните блокови не би достигнал 61 пратеничко место, колку што е потребно за парламентарно мнозинство. Сепак, доколку се соберат местата на блокот на Ајзенкот и на арапските партии, бројката би можела да го надмине тој праг.
За „Заедничката листа“- коалиција во која доминираат Арапи- се предвидуваат 12 места, додека за „Обединетата арапска листа“ (Раам) се очекуваат четири места.
Што се однесува до поединечните партии, Ликуд на Нетанјаху води со 28 места, а по него е партијата Јашар на Ајзенкот со 21 пратеничко место.
За сојузот Заедно се очекуваат 11 места.
За партиите Демократи, Обединет јудаизам на Тората и Израел Бејтеину се предвидуваат по осум места, додека за Шас и Оцма Јехудит се очекуваат по седум места.
За партијата Религиозен ционизам се предвидуваат шест места. Резултатите остануваат привремени и може да се променат додека продолжува броењето на гласовите.


























