Европската комесарка за проширување Марта Кос изјави од Стратешкиот форум во Блед дека Ратко Младиќ е осуден воен злосторник чија глорификација нема место во Европската Унија или во земјите кандидати, нагласувајќи дека се надева дека владата во Белград разбира што е во прашање и дека Србија не може да го продолжи својот пат кон ЕУ без реформи и јасна одлука за тоа на која столица ќе седи.
Зборувајќи на панелот „Проширување или ирелевантност? Следната геополитичка алатка на Европа“, Кос истакна дека Западниот Балкан е сè уште полн со отворени рани и апелираше до регионалните лидери да престанат да ја поткопуваат стабилноста за политички поени.
„Западниот Балкан е полн со отворени рани. Понекогаш политичарите, наместо да користат крем за да ги излекуваат, користат сол за повторно да ги отворат тие рани. Лидерите мора да престанат да го прават тоа. Гледаме дека луѓето од Западен Балкан, дури и во Република Српска, се за Европа и ние мора да им помогнеме да стигнат таму“, рече Кос.
Коментирајќи го ставот кон Србија и величењето на воените злосторства, Кос беше експлицитна: „Ратко Младиќ е осуден воен злосторник. Величењето на воените злосторници е спротивно на најважните вредности на Европа и за тоа нема место ниту во земјите-членки ниту во земјите-кандидатки. Се надевам дека владата во Белград знае што е во прашање.“
Таа додаде дека е во интерес на Унијата да ја задржи Србија на европскиот пат, но дека тоа бара јасна стратешка ориентација и спроведување на клучните реформи.
„Отфрлањето партнерства со други земји за да се стане членка на ЕУ е голема цена што треба да се плати. Не можете да седите на две столчиња. Во еден момент ќе мора да одлучите каде сакате да припаѓате. Ние сме многу отворени кон Србија и многу ѝ помагаме, но има работа што треба да се направат во Белград“, предупреди комесарката.
Одговарајќи на критиките за намалувањето на привлечноста на Унијата, Кос нагласи дека не треба да го прифатиме наративот дека ЕУ е изгубена кауза.
„Тоа е најдобриот политички проект што некогаш сме го имале во светот, бидејќи ни овозможува мир. Секако дека имаме проблеми и понекогаш сме бирократи, но нема подобар проект и сигурна сум дека ќе успееме“, заклучи Кос.
Изјавите на Кос доаѓаат по најавите дека осудениот воен злосторник Ратко Младиќ, кој почина додека отслужуваше доживотна казна затвор во Хаг, ќе биде погребан во Белград со највисоки државни почести.






















