Украинскиот претседател Владимир Зеленски изјави дека Унгарија ги вратила средствата запленети од државнатаукраинска банка претходно оваа година, опишувајќи го потегот како „важен чекор“ во подобрување на односите меѓу Киев и Будимпешта.
Зеленски рече дека средствата што ѝ припаѓаат на Ошчабанк, а кои беа запленети од унгарските власти во март, се целосно вратени на украинска територија.
„Благодарен сум на Унгарија за нејзиниот конструктивен пристап и цивилизираниот чекор. Им се заблагодарувам на сите во украинскиот тим кои се бореа за фер одлука и ги бранеа интересите на нашата држава и нашиот народ“, рече Зеленски.
Украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха, исто така, го опиша потегот како „добредојдено случување“ на патот кон нормализирање на билатералните односи, заблагодарувајќи се на унгарската страна.
„Го сфаќаме ова како знак на подготвеноста на Унгарија да ги унапреди нашите односи со меѓусебно почитување и здрав прагматизам - и сме подготвени да возвратиме“, рече Сибиха.
На почетокот на март, Украина ги обвини унгарските власти за „земање како заложници“ на седум вработени во Ошадбанк во Будимпешта, како и за запленување на повеќе од 80 милиони долари во готово и 9 килограми злато.
Националната даночна и царинска администрација на Унгарија тогаш објави дека ги привела седумте украински државјани, заедно со две оклопни возила за транспорт на готовина, во рамките на кривична постапка покрената под сомнение за перење пари.
Властите соопштија дека запленетите возила превезувале вкупно 40 милиони долари, 35 милиони евра и 9 килограми злато во Украина од Австрија. Седумте лица беа протерани од Унгарија два дена по апсењето.









