Бројот на загинати во пожарот во трговскиот комплекс во близина на иранскиот главен град Техеран се искачи на 11 лица, а повредени се најмалку 41 лице, соопштија иранските власти денес.
Гувернерот на Шахријар, Саџад Баранџи, изјави дека пожарот избувнал синоќа во комплексот „Аргаван“ во градот Андише, западно од главниот град, јави иранската полудржавна новинска агенција „Мехр“.
Комплексот содржи повеќе од 250 комерцијални единици и 50 канцелариски простории, рече тој.
Баранџи наведе дека екипите за итни случаи од Шахријар и соседните области биле пратени веднаш по пријавувањето на пожарот и започнале со операции за гаснење на пожарот.
Тој додаде дека 41 повредено лице биле пренесени во медицински центри или на местото им била укажана помош.
Началникот на противпожарната служба во Андише вчера изјави дека сите луѓе што биле заробени од пламенот и чадот безбедно се евакуирани и дека зградата е целосно испразнета.
Според официјалниот претставник, брзото ширење на пожарот било предизвикано од композитната фасада на зградата, што овозможило пламенот брзо да се движи по надворешноста на објектот.
Се истражува причината за пожарот.
















