Претседателот на Србија, Александар Вучиќ вчера изјави дека претстојната посета на Кина ќе биде најважна во неговата политичка кариера, истакнувајќи дека кинескиот претседател Си Ѓинпинг во следните неколку недели ќе ги пречека и претседателите на Соединетите Американски Држави и на Русија, Доналд Трамп и Владимир Путин, како и него.
Вучиќ наведе дека посетата ќе трае пет-шест дена и ќе има карактер на државна и официјална посета, нагласувајќи го значењето на соработката со Кина за граѓаните на Србија.
Според него, за време на посетата ќе се разговара за роботиката, вештачката интелигенција, воено-техничката и економската соработка, инфраструктурата, но и за унапредување на образовниот систем.
„Една од најважните работи е како ќе го смениме нашиот образовен систем“, рече Вучиќ, додавајќи дека нема да прави компромиси за тоа прашање.
„Од Израел добивме некои од најмоќните оружја во светот“
Вучиќ изјави дека Србија денес е повеќекратно посилна отколку пред 15 години и оцени дека земјата сега би имала значително поголеми одбранбени капацитети во споредба со периодот на НАТО-бомбардирањето на Југославија во 1999 година.
„Денес сме многу посилни и затоа никој нема да нè нападне, но мора да продолжиме со јакнење“, рече тој.
Вучиќ додаде дека силата на војската на Србија е резултат на економскиот раст и вложувањата во секторот за одбрана, наведувајќи дека земјата располага со значителни количества вооружување и воена опрема.
Тој истакна дека Србија од Израел набавила некои од најмоќните оружја, со што дополнително е унапредена борбената подготвеност.
Говорејќи за Косово, рече дека тоа прашање е вратено на преговарачката маса, нагласувајќи дека нема да ја води земјата во војна, туку дека останува определен за мир и натамошен развој.
„Сега би имале со што да одиме во војна, но не сакам војна бидејќи на граѓаните им ветив мир“, порача Вучиќ, додавајќи дека Србија ја продолжува соработката со различни партнери, вклучително и Иран и Израел.


















