| Macedonian
Европа под притисок поради гасот: Каква зима нè очекува?
Моментално сме на највисоко ниво на цени од почетокот на кризата со Иран, но сепак далеку под врвовите забележани во 2022 година, вели енергетскиот експерт Бил Фарен Прајс
Европа под притисок поради гасот: Каква зима нè очекува?
Намалениот прилив на ЛНГ го забави темпото на полнење на складиштата за гас пред почетокот на зимата

Европа влегува во зимската сезона со релативно ниски нивоа на резерви на гас, бидејќи прекините во испораката на течен природен гас (ЛНГ) ги зголемуваат цените.

На 8 септември, цените на природниот гас во Европа се искачија на највисокото ниво во последните повеќе од три и пол години, додека ескалацијата на тензиите меѓу САД и Иран продолжи да ги попречува испораките на ЛНГ од Персискиот Залив, во услови на затворање на Ормускиот Теснец.

Намалениот прилив на ЛНГ го забави темпото на полнење на складиштата за гас пред почетокот на зимата.

Катар, еден од најголемите светски извозници на ЛНГ, во голема мера ги запре испораките и ја продолжи клаузулата за „виша сила“ за пратките наменети за европските и азиските пазари, продолжувајќи ја мерката и во текот на есента.

Според организацијата Гасна иннфраструктура на Европа (Gas Infrastructure Europe), капацитетите за складирање во ЕУ биле пополнети околу 68% заклучно со 14 септември, со приближно 772 терават-часа гас во резерва.

Ова ниво останува под целта од 90% пополнетост што ЕУ вообичаено ја поставува пред зимата, што отвора прашања за тоа колку брзо можат да се надополнат резервите и како пазарот би можел да реагира доколку понудата остане ограничена или температурите опаднат.

Што значат растот на цените и ниските резерви?

„Моментално сме на највисоко ниво на цени од почетокот на кризата со Иран, но сепак далеку под врвовите забележани во 2022 година“, изјави Бил Фарен Прајс, истакнат истражувач во Оксфордскиот институт за енергетски студии, осврнувајќи се на наглиот раст на цените на енергенсите по избувнувањето на војната меѓу Русија и Украина.

Тој за Агенција Анадолу изјави дека моменталниот притисок е одраз на „затегнатоста на глобалните пазари на ЛНГ поради затворањето на Ормускиот Теснец и недостигот на катарски ЛНГ“.

Анализата на компанијата Вуд Мекензи (Wood Mackenzie) од јули, исто така, го поврза растот на цените со историски ниските нивоа на резерви во Европа, повторните пореметувања во областа на Ормускиот Теснец и зголемената побарувачка за ЛНГ во Азија.

„Ниските резерви во Европа, силната побарувачка во Азија и ограничениот раст на новите испораки на ЛНГ речиси гарантираат високи цени во текот на оваа зима, па сè до 2027 година“, изјави Масимо Ди Одоардо, потпретседател за истражување на секторот за гас и ЛНГ во Вуд Мекензи.

Ериса Паско, водечки аналитичар за европскиот пазар на гас во компанијата Енерџи Аспектс (Energy Aspects), изјави дека ситуацијата со складирањето не се сведува само на количината на гас што се чува под земја.

„Прашањето не е само дали Европа има доволно гас во однос на волуменот, туку дали капацитетите за складирање можат да го испорачаат тој гас доволно брзо за време на периодите на најголема побарувачка“, изјави таа за Анадолу.

Паско истакна дека капацитетот за повлекување гас од складиштата во Европа почнува значително да опаѓа штом залихите ќе паднат под околу 40% (или околу 44 милијарди кубни метри), а драстично се влошува кога нивото ќе падне под 20%.

Моменталната ситуација исто така се разликува од последната голема енергетска криза во Европа.

„Најсоодветна споредба е периодот 2021- 2022 година, кога Европа влезе во зимата со околу 75% пополнети капацитети за складирање“, рече Паско.

Клучната разлика, според неа, е тоа што Европа во тоа време имала значително поголема флексибилност во понудата и побарувачката, вклучително и поголеми можности за користење на руските гасоводи, поголем капацитет за префрлање од јаглен на гас и поголема флексибилност во однос на европското производство.

„Голем дел од таа флексибилност е изгубен“, рече Паско.

Фарен Прајс предупреди дека темпото на полнење на складиштата заостанува во споредба со претходните години.

„Ако капацитетите за складирање не се доволно пополнети, постои поголем ризик од нивно целосно исцрпување во случај на многу студена зима или прекини во снабдувањето на глобално ниво“, рече тој.

Фарен Прајс додаде дека недоволното ниво на гас во складиштата би значело и потреба за дополнително полнење во 2027 година.

Какви се прогнозите за цените и нивото на складирање?

Паско изјави дека моментално очекуваат Европа да достигне ниво од околу 44 милијарди кубни метри (или 69% од капацитетот) до крајот на октомври, што „би значело дека залихите ќе бидат на најниско ниво во последните 14 години пред почетокот на зимата“.

Таа истакна дека залихи од 88 до 90 милијарди кубни метри на почетокот на ноември би се сметале за доволни за обезбедување „релативно сигурна заштита“ (резерва) во случај на зима постудена од вообичаеното.

Сепак, Паско додаде дека „во моментов, достигнувањето на тоа ниво изгледа нереално, дури и со владина интервенција“.

Таа исто така нагласи дека, според моменталните проекции, нивото на гас во Европа би паднало на околу 18,5 милијарди кубни метри (или 16% од капацитетот) до крајот на март, дури и при нормални временски услови. 

„Тоа остава многу мала заштита од студениот бран кон крајот на зимата“, нагласи Паско.

Анализата на Вуд Мекензи исто така укажува на сценарио со ниско ниво на залихи.

Дури и под претпоставка дека Катар ќе го достигне својот полн оперативен капацитет до крајот на септември, консултантската куќа проценува дека европските залихи би достигнале само 75% до 1 ноември, во споредба со петгодишниот просек од 90%.

Доколку Ормускиот Теснец остане затворен уште два месеца, нивото на залихите би паднало под 70%, се додава во анализата.

Голдман Сакс (Goldman Sachs), како што пренесува Блумберг (Bloomberg), исто така предвидува повисоки цени во случај на долготраен прекин на снабдувањето од Блискиот Исток.

„Цените на гасот во Европа веројатно ќе треба да се искачат над 100 евра за мегават-час во декември, за континентот да може да ги обнови залихите во доволна мера за да издржат преку зимата“, напишаа тие во август.

Во меѓувреме, Паско изјави дека основното сценарио на Енерџи Аспектс не предвидува дека Европа ќе остане без гас.

„Нашето основно сценарио не подразбира дека Европа ќе остане без гас“, рече таа. „Очекуваме пазарот да постигне рамнотежа, но цените ќе мора да останат доволно високи за да се зачуваат залихите и да се привлече ЛНГ.“

Од Вуд Мекензи исто така наведоа дека не се очекува значителен раст на понудата на ЛНГ во следните девет до 12 месеци, додека новите капацитети од Катар се очекува да станат достапни дури во втората половина на 2027 година.

Кои земји се најизложени на ризик?

„Германија, Франција, Холандија и Словачка значително заостануваат“, изјави Фарен Прајс.

Податоците на Гасна иннфраструктура на Европа покажуваат дека, заклучно со 14 септември, нивото на пополнетост на складиштата изнесува 55,8% за Германија, 52,5% за Холандија, 76,7% за Франција и 52,4% за Словачка.

„Германија се издвојува како најизложен голем пазар“, додаде Паско.

Таа нагласи дека трендот на пополнување на складиштата во Германија е особено слаб, а улогата на земјата како транзитен пазар значи дека пониските германски залихи „имаат значење и надвор од самата Германија“. 

„Веројатно е дека на Германија ќе ѝ биде потребен поголем увоз од Норвешка, Белгија и други соседни пазари оваа зима и можеби ќе мора да го намали извозот кон Австрија, Италија и Источна Европа“, додаде Паско.

Франција исто така заслужува внимание, рече таа, истакнувајќи дека Енерџи Аспектс очекува земјата да ја достигне целта од 85%, иако тоа останува под нивоата од околу 92 - 99% што вообичаено ги достигнувала пред зимата.

„Бидејќи француските капацитети за складирање главно се базираат на водоносни слоеви, намалувањето на залихите релативно брзо ги ограничува стапките на повлекување“, нагласи Паско.

Таа додаде дека се очекува Франција да го намали извозот кон соседните земји во текот на зимата за да ја зачува способноста за испорака на домашниот пазар.

„Обединетото Кралство претставува поинаков вид на ранливост: има многу малку капацитети за сезонско складирање и во голема мера зависи од норвешкото снабдување и од ЛНГ за време на периодите на висока зимска побарувачка“, истакна Паско.

Таа процени дека Обединетото Кралство би можело да ѝ конкурира на Германија за норвешките испораки.

Кон каква зима се движи Европа?

„Европа е подготвена за нормална зима, но не е доволно заштитена од екстремно студена зима“, рече Паско.

Таа напомена дека она што ги загрижува е недостатокот на простор за грешки.

„Со моментално проектираните нивоа на складирање, Европа сè повеќе зависи од тоа три работи да се одвиваат релативно добро истовремено: постепено закрепнување на испораките на ЛНГ од Блискиот Исток, зимски температури кои остануваат во рамките на нормалата и сигурни испораки преку гасоводи од Норвешка и други извори“, додаде Паско.

„Студеното време, пониските нивоа на складирање и дополнителните прекини во испораките на ЛНГ или преку гасоводи“ би можеле да предизвикаат сериозен недостиг на гас оваа зима, додаде Фарен Прајс.

Фарен Прајс нагласи дека отсуството на ветер и облачното време би можеле да значат „поголема потрошувачка на гас за производство на електрична енергија“. 

Исто така, постои потенцијално поповолно временско сценарио. 

Прогнозата на Голдман Сакс претпоставува просечни зимски температури, додека извештајот на Ристад енерџи, цитиран од банката, вели дека „супер Ел Нињо, кој додава најмалку 2 степени Целзиус на историските просеци, би можел да ја намали побарувачката за гас и делумно да ги компензира ниските залихи.

Во меѓувреме, Европската комисија нагласи дека моменталната состојба со складирањето не претставува непосредна криза во снабдувањето и дека нема причина за интервенција.

„И покрај пониските нивоа на складирање на гас во споредба со претходните години, земјите-членки и Комисијата сметаат дека нема непосреден ризик за безбедноста на снабдувањето со гас во ЕУ“, соопшти комисијата претходно овој месец.

Комисијата потврди дека ЕУ е подобро подготвена отколку во 2021-22 година поради зголемената диверзификација, поголемиот капацитет за увоз на течен природен гас (ЛНГ) и намалената побарувачка за гас.

„Врз основа на историските проекции, ЕУ е на добар пат да постигне соодветно ниво на зимска подготвеност“, се вели во неа.

За Фарен -Прајс, еден фактор би можел да го намали притисокот врз пазарот. „Повторно отворање на Ормускиот Теснец“, рече тој.

Извор: АА

Повеќе
СТО: Блокадата на Ормутскиот теснец е најголема закана за глобалната трговија
Зеленски ја иницираше „Карпатска осумка“ како нова регионална соработка
Туркије уапси 175 лица во акција против мрежа за измама со сопственици на фирми поврзани со Израел
Граѓански организации: Мисијата на ОБСЕ се повлекува од соработката со АОПЗ
Италијански авион погоден за време на напад врз воздухопловна база во Саудиска Арабија
Нов Зеланд не разговарал со ЕУ за статус на придружен член
Швајцарските пратеници поддржуваат построги мерки за азил
Танкер погоден од „непознат проектил“ во Ормускиот Теснец
Шестмина ученици загинаа, 17 се повредени во пукање во средно училиште на Филипини
Дванаесет лица повредени во ноќните напади меѓу Русија и Украина
Се очекува Такаичи да се сретне со Трамп во вторник, пред разговорите меѓу САД и Кина
Алиев: Односите меѓу Туркије и Азербејџан се витален фактор во регионот и пошироко
Речиси половина од германските гласачи веруваат дека Мерц ќе ја напушти функцијата до крајот на 2026
Во Русија почнуваат тридневни избори за државната Дума
Мицкоски: За членство во ЕУ треба да се применува пристап заснован на заслуги што не е случај со нас