Исполнети се формалните и суштинските услови за Босна и Херцеговина да биде поканета за членство во НАТО, порача Денис Беќировиќ Претседавачот на Претседателството на БиХ денес од Брисел.
Беќировиќ се сретна со заменик-генералната секретарка Радмила Шекеринска во седиштето на НАТО, а на состанокот присуствуваше и членот на Претседателството на БиХ, Жељко Комшиќ. Тие разговараа за напредокот на БиХ на патот кон полноправно членство, како и за актуелните безбедносни и политички предизвици.
За време на состанокот беа презентирани резултатите што ги постигна БиХ во процесот на евроатлантска интеграција, вклучувајќи го усвојувањето и спроведувањето на Програмата за реформи, спроведувањето на Програмата за партнерство прилагодена поединечно за периодот 2025–2028 година и инвестициите во модернизација и зајакнување на оперативните способности на вооружените сили на БиХ.
Соговорниците забележаа дека е постигнато високо ниво на интероперабилност со силите на НАТО, како и напредок во зајакнувањето на соработката во областа на безбедноста и одбраната.
Беа дискутирани и понатамошните чекори во процесот на интеграција, вклучително и потребата од посилна политичка и техничка поддршка од НАТО, забрзување на реформите и понатамошно зајакнување на заедничките капацитети.
Беќировиќ нагласи дека постои институционална посветеност и консензус за членство во НАТО, како и значителна поддршка од граѓаните на БиХ за оваа стратешка цел и побара официјална покана до Босна и Херцеговина за членство што е можно поскоро.












