Одборот за мир денес соопшти дека мировниот план на американскиот претседател Доналд Трамп за Газа мора да биде спроведен „веднаш, без натамошно одложување“, по смртоносниот израелски напад врз болницата Насер во Кан Јунис, во јужна Газа, притоа избегнувајќи директно да го критикува Израел.
Одборот оцени дека „трагичната загуба на човечки животи“ ја нагласува потребата планот да продолжи да се спроведува.
„Во спротивно, и натаму ќе сведочиме на трагедии во кои Хамас тврди дека Израел намерно напаѓа болници, Израел тврди дека Хамас ги користи овие објекти за терористички операции, а на крајот невините жители на Газа ја плаќаат цената“, се наведува во соопштението објавено на платформата за социјални медиуми Х.
Одборот соопшти дека „жали за смртта на секој цивил“ и го осуди Хамас, но се воздржа од осуда на израелскиот напад.
Тој ги повика сите страни да ги „почитуваат своите обврски“ во рамките на планот и соопшти дека воспоставил стратегиска рамка, со цел жителите на Газа „да може да живеат безбедно и да имаат пристап до неопходната медицинска нега во безбедни, демилитаризирани установи“.
„Сите страни мора да ги отстапат неопходните овластувања и оперативниот простор на Одборот за мир за да може да ја спроведе оваа рамка без дополнителни попречувања или одложувања“, се наведува во соопштението.
Хамас ја отфрли изјавата на Одборот за мир, обвинувајќи го дека ја прифаќа израелската верзија на настаните и се обидува да ги прикрие прекршувањата извршени за време на нападот врз болницата Насер.
Во соопштението, групата оцени дека ставот на одборот ги повторува израелските тврдења за наводна воена употреба на болниците, со што, според неа, одговорноста се префрла од сторителите врз жртвите.
Хамас соопшти дека ваквиот став на одборот покажува пристрасност и е во спротивност со неговите одговорности, како и со основните начела на објективност и правда.
Групата го осуди и меѓународниот молк во врска со израелските дејства, како и обидите за ширење на тоа што го нарече лажни тврдења на израелската војска.
Во израелскиот воздушен напад вчера беше погоден вториот кат од зградата Ал-Јасин во рамките на медицинскиот комплекс Насер во Кан Јунис, при што загинаа шест лица, а повеќе од 20 беа повредени, соопшти Цивилната одбрана на Газа.
Директорот на болницата изјави дека во нападот е предизвикана голема материјална штета на одделенијата за интензивна нега и хирургија.
Израелското армиско радио го опиша нападот како „операција за атентат“, но не даде дополнителни детали.
Меѓу загинатите имало медицински персонал, пациенти и нивни придружници, според Министерството за здравство на Газа.
Нападот се случи во услови на продолжени израелски прекршувања на договорот за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас, кој стапи на сила на 10 октомври 2025 година. Во тие прекршувања загинале 1.622 Палестинци, а 5.878 биле повредени.
Од октомври 2023 година во израелската војна во Газа загинале повеќе од 74.600 Палестинци, а речиси 176.000 биле повредени. Повеќето од загинатите и повредените се жени и деца. Во војната се уништени и 90 проценти од инфраструктурата на територијата.























