Американската војска го демантираше извештајот на израелските медиуми дека се подготвува за можно продолжување на операциите против Иран, отфрлајќи ги тврдењата за промени во распоредот на своите сили во регионот како „чиста шпекулација“.
Во одговор за Агенција Анадолу, претставник на Централната команда на САД (ЦEНTКOM) изјави дека нема никакви промени во распоредот на американските сили на Блискиот Исток.
Демантот уследи по извештајот на израелскиот јавен сервис KAН, во кој се цитира американски претставник, кој навел дека ЦEНTКOM го повикал Израел да се подготви за можно продолжување на воените операции против Иран во блиска иднина. Наводно, ова предупредување им било пренесено на претставници на израелската војска во САД.
KAН исто така објави дека Вашингтон испраќа слични пораки и до земјите од Персискиот Залив преку безбедносни канали.
Во извештајот понатаму се тврди дека САД распоредиле околу 200 авиони за полнење гориво во воздух низ Блискиот Исток и Европа, при што два носачи на авиони-„УСС Џорџ Вашингтон“ и „УСС Џорџ Х.В. Буш“ - веќе се наоѓаат во регионот, а се очекува и трет, „УСС Рузвелт“, да пристигне во Арапското Море следната недела.























