Европските лидери денеска повикаа на координиран европски пристап кон дипломатските напори за ставање крај на руско-украинската војна, нагласувајќи дека Европа мора да има улога во преговорите за иднината на Украина.
Говорејќи на заедничка прес-конференција по самитот на Европската политичка заедница (ЕПЗ) во Даблин, ирскиот премиер Мајкл Мартин изјави дека ЕУ и пошироката Европска политичка заедница биле „незаменливи“ за Украина преку својата поддршка.
„Мислам дека и самите Американци би се согласиле оти на преговарачката маса треба да има и европски глас“, рече Мартин, нагласувајќи дека европската финансиска, одбранбена и воена поддршка остануваат клучни за Киев.
„Европа мора да има усогласен преговарачки глас на масата, но не станува збор само за ЕУ“, рече тој, опишувајќи го пристапот како „тимски напор“.
Мартин исто така ја истакна потребата од заедничка визија за тоа како би требало да изгледа трајниот мир во Украина.
Претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста, изјави дека европските земји се обединети околу потребата за вклучување во дипломатски разговори, додавајќи дека тие „работат како тим“.
„Само Украина има легитимитет да дискутира, да преговара, да разговара, на пример, за териториите; никој друг нема легитимитет да зборува за тоа“, рече Коста.
Тој додаде дека ЕУ е соодветниот партнер за дискусија за економската иднина и просперитетот на Украина, додека за други прашања е потребно вклучување на релевантни европски претставници.
Следниот самит на ЕПЗ е закажан за 15 април 2027 година во Цирих.























