| Macedonian
РЕГИОН
5 мин читање
Секое десетто дете било изложено на сексуална експлоатација и злоупотреба со помош на технологијата
Зад секоја статистика во извештајот „Спречување на штетата во Северна Македонија“ стои дете чија доверба е изгубена, чија безбедност е загрозена и чија благосостојба е нарушена, изјави Лесли Милер, претставничка на УНИЦЕФ
Секое десетто дете било изложено на сексуална експлоатација и злоупотреба со помош на технологијата
Злоупотребата најчесто ја врши некој што детето го познава или го познавало претходно

Едно од десет деца на возраст од 12 до 17 години што користат интернет во Северна Македонија, или околу 12.000 деца, биле изложени на сексуална експлоатација и злоупотреба со помош на технологијата во една единствена година, покажува извештај Спречување на штетата во Северна Македонија (Disrupting harm) реализиран преку соработка меѓу Канцеларијата за стратегија и докази на УНИЦЕФ- Иноченти (Innocenti), ЕКПАТ Интернационал (ECPAT International) и ИНТЕРПОЛ, со средства од Безбедни онлајн (Safe Online) и во соработка со Владата на Северна Македонија.

Во извештајот се истакнува итната потреба од поцврсти системи за превенција, заштита и поддршка на децата.

„Сексуалната експлоатација и злоупотреба на деца со помош на технологија се однесува на ситуации кои вклучуваат дигитални, интернет и комуникациски технологии во која било фаза од злоупотребата или експлоатацијата. Може да се случи целосно преку интернет, преку комбинација од онлајн и лични интеракции или преку злоупотреба во живо што се снима, се дистрибуира или се олеснува со помош на технологија“, информираа од УНИЦЕФ за Северна Македонија.

Заштитата на децата во дигиталното доба бара построги закони

Последиците по засегнатите деца се длабоки и налагаат навремена поддршка и услуги приспособени кон нив. Децата изложени на сексуална експлоатација и злоупотреба со помош на технологија имале 11 пати поголеми изгледи за самоповредување и 12 пати поголема веројатност да имаат самоубиствени мисли или однесување во споредба со децата кои не доживеале таква злоупотреба.

Интервјуираните стручни лица кои работат со деца опишаа долготрајни последици што опфаќаат срам, губење контрола, нарушувања на сонот, стрес и страв дека материјалот кој прикажува злоупотреба ќе остане на интернет засекогаш.

„Зад секоја статистика во овој извештај стои дете чија доверба е изгубена, чија безбедност е загрозена и чија благосостојба е нарушена. Она што го чини ова истражување толку важно не е само тоа што за првпат се мери обемот на проблемот, туку и тоа што се бележат гласовите и животните искуства на самите деца и млади“, рече Лесли Милер, претставничка на УНИЦЕФ.

„Доказите недвосмислено покажуваат дека заштитата на децата во дигиталното доба бара построги закони, подобри услуги, побезбедни онлајн-средини и отворени разговори со децата.“

Речиси половина од погодените деца (48%) доживеале повеќе од една форма на злоупотреба во годината пред да бидат анкетирани.

Повеќе од половина од евидентираните инциденти биле поврзани со социјалните медиуми, додека скоро една третина се случиле преку онлајн-игри. Истражувањето, исто така, покажува дека момчињата и девојчињата биле погодени во слична мера, без значајни разлики во однос на полот, возраста, местото на живеење, дигиталните вештини или степенот на образование на родителите.

Спротивно на перцепцијата дека сексуалната експлоатација на интернет првенствено ја вршат непознати лица, истражувањето покажа дека речиси четири од пет деца (78%) биле изложени на злоупотреба од некој што го познавале.

Над половина од сторителите биле полнолетни лица (57%). Особено често сторители биле поранешни или сегашни интимни партнери или лица кон кои детето чувствувало симпатии (во 39% од случаите), како и членови на семејството, кои биле вмешани во повеќе од една четвртина од случаите (27%).

Злоупотреба од познати лица

Ова укажува на тоа дека штетата често се случува во дигиталната и физичката средина, и е тесно поврзана со односите на доверба и пошироките општествени норми што го нормализираат насилството и ги стигматизираат жртвите на сексуална злоупотреба.

Иако 88% од децата кои биле експлоатирани или злоупотребени раскажале некому за своето искуство, пријавувањето и барањето помош преку формални канали останало исклучително ниско (под 1%). Децата ги навеле срамот, стигмата, несигурноста во врска со процесите на пријавување и недостатокот на доверба во институциите како клучни пречки за барање формална помош.

„Овој извештај ни помага да ја согледаме реалната состојба во нашето општество — како се однесуваат младите онлајн, кои ризици се најчести и каде институциите треба да интервенираат поефикасно. Тој нуди насоки за зајакнување на законската рамка, за поддршка на професионалците кои работат со деца и за унапредување на практичните механизми за превенција и заштита,“ рече заменик министерот за внатрешни работи, Астрит Исени.

„Нека ни послужи како патоказ за конкретни чекори: подобра превенција во заедниците и училиштата, поефикасна размена на информации меѓу институциите, јасни процедури за пријавување и постапување, и поддршка за семејствата и децата кои се погодени.“

Извештајот покажува дека иако технологијата го менува начинот на кој се врши злоупотребата, законодавството не секогаш е во чекор со овие промени. Во извештајот се посочуваат неколку правни празнини поради кои децата остануваат ранливи – посебно оние на возраст од 14 до 17 години – и повикува на законски реформи со кои ќе се отстранат овие празнини, ќе се обезбеди одговорност на сторителите и ќе се воспостават подобри и еднакви гаранции за заштита на сите деца..

Од УНИЦЕФ потенцираат дека проценката од 12.000 деца се базира на проектираната национална популација на деца на возраст од 12 до 17 години што користат интернет во Северна Македонија.

Анкетата „Спречување на штетата“ ги опфатила следниве прашања: Примање несакани сексуални коментари, слики или видеа; Притисок да се зборува за секс; Барања за сексуална содржина; Употреба на лажни сексуални слики генерирани од вештачка интелигенција; Споделување или закани за споделување сексуални слики без согласност; Понуда на пари или подароци за сексуална содржина или средби; Закани или уцени за принудување на сексуална активност; и Сексуална злоупотреба или експлоатација емитувана во живо.

Повеќе
Пезешкијан: Техеран „не бара војна“ по американскиот напад врз островот Ларак
Транспортерите со протест во Скопје, побараа од ЕУ итно решение за престојот во Шенген-зоната
Во Истанбул почна првиот состанок на Комитетот во рамки на Договорот од Мека за заедничка одбрана
Нови цени од полноќ: Дизелот поевтинува за 6,50 денари, бензините поскапуваат
Кремљ: Самит Путин-Трамп-Зеленски е можен само за финализирање на договорите за Украина
Иран: Ги нападнавме американските сили во воздухопловната база во ОАЕ
Трамп: Бизнисите се враќаат во САД од Канада за да избегнат царини
Поранешен израелски премиер: Израел меѓу американските стуенти се поврзува со геноцид
Американските сили нападнаа два ирански лансери за ракети
Челик реагираше на изјавите на Министерството за надворешни работи на Израел
Палестина повика на меѓународна акција за ставање крај на израелската опсада на градот Ал-Мугајир
Северна Македонија и Израел ја зајакнуваат соработката: Фокус на инвестиции, туризам, безбедност
Хоџа: Албанија ниту е, ниту може да биде дел од какво било сценарио за дестабилизација
УЕФА покрена постапка против Црвена ѕвезда поради транспаренти за воениот злосторник Ратко Младиќ
Ердоган: Туркије бара посилни сојузи, помалку спорови низ исламскиот свет