САД-Белгија е петтата осминафинална двојка добиена по одигрувањето на двата синоќешни натпревари на фудбалското Светско првенство.
Американците со 2:0 ја победија селекцијата на Босна и Херцеговина, иако последната четвртина од мечот ја одиграа со човек помалку по исклучувањето на Балогун кој беше стрелец на првиот гол.
Американците поведоа во 45. минута со голот на Фоларин Балогун, по несреќната интервенција на Радељиќ, кој по центаршут кон шеснаесетникот наместо да ја исфрли, му ја додаде топката на стрелецот на голот.
Малик Тилман го зголеми водството на 2:0 во 82. минута по одлично изведен слободен удар, преку живиот ѕид, но се чини дека голманот на БиХ, Василј требаше подобро да реагира.
Претходно фудбалерите и тренерскиот штаб на Босна гласно протестираа, верувајќи дека немало прекршок на работ од шеснаесетникот, а уште пожестока реакција беше фактот што судијата не досуди прекршок врз Есмир Бајрактаревиќ во минутата пред голот.
И покрај поразот, во БиХ се горди на тоа што го направија, а и федерацијата ќе биде побогата за 23,5 милиони долари за учеството и пласманот во нокаут фазата.
Селекторот на БиХ, Сергеј Барбарез се расплака после мечот и рече дека тоа биле солзи радосници.
„Овие солзи по натпреварот не беа солзи од тага, туку солзи од радост, солзи од среќа и гордост!!! Солзи од благодарност, што имав можност да правам нешто што го сакам, што имав можност да пишувам историски моменти и на крајот, најголемата работа од сè, што имав привилегија да работам со овие прекрасни момци, моите играчи“, напиша Барбарез на Инстаграм.
„Дадовме сѐ од себе, но за жал не го напуштивме теренот како победници. Нашата приказна во Америка е завршена, но нашето патување што го започнавме пред две години продолжува со кренати глави. Ви благодариме милион пати за секоја емоција, секоја насмевка, секоја надеж, секој поминат километар, секоја непроспиена ноќ. Верувајте во нас и бидете поддршката што ни бевте од самиот почеток, бидејќи едно е сигурно, само заедно и гордо можеме повторно да напишеме нови страници од нашата фудбалска историја!!!“, додаде Барбарез.
Селекторот на репрезентацијата на САД, Маурисио Почетино, даде емотивен коментар по победата.
„Многу сум горд. Начинот на кој се боревме против многу добар тим, многу силен тим. Многу сум горд на сите мои играчи, целиот персонал и овие навивачи беа едноставно неверојатни повторно денес. Неверојатно е да се доживее ова“, рече Аргентинецот.
Кога беше прашан за евентуален предизвик за освојување на трофејот, Почетино одговори вака:
„Зошто не би го направиле тоа?“„Зошто не и ние?“, рече Аргентинецот.








