Најмалку 12 луѓе загинаа во шумски пожар во југоисточната шпанска провинција Алмерија откако паднал далновод. Некои од жртвите се пронајдени во изгорени автомобили.
Властите не ја потврдија причината за пожарот, но очевидци изјавија дека паднал далновод, по што огнот брзо се проширил на околната шумска област.
„Бројот на починати во пожарот во Лос Гаљардос порасна на 12, а шест луѓе се повредени. Ова е голема трагедија“, изјави шефот на регионалната влада на Андалузија, Хуанма Морено.
Пожарот доведе до евакуација на 1.000 луѓе и до затворање патишта.
Околу 150 пожарникари моментално се на терен, а на помош пристигнува и Воената единица за итни случаи.
Катастрофата е дел од поширок бран пожари кои, поттикнати од продолжен топлотен бран со температури околу 40 °C, беснеат низ јужна Европа.
Стотици пожарникари моментално се борат со пожарите во Франција, Португалија и Шпанија, кои принудија илјадници луѓе да ги напуштат своите домови.
Во ланските пожари, во Шпанија изгореле 393.000 хектари, шестпати повеќе од шпанскиот просек во периодот од 2006 до 2024 година.





















