Иранскиот ајатолах Али Хамнеи e погребан рано наутро во петокот по локално време во неговиот роден град Машхад, на североистокот од земјата, по неколкудневни комеморации и погребни церемонии во Иран и Ирак, со што завршија неколкудневните жалости.
Погребот се одржал во молитвената сала на храмот Имам Реза во Машхад, откако ковчегот бил носен околу гробот на Имам Реза како дел од погребните обреди, објави Прес ТВ.
Погребна молитва над неговото тело била одржана во дворот на храмот, по што следела приватна церемонија за збогување за семејството на Хамнеи.
По погребот, Иранците и муслиманите од целиот свет се молеле за него.
Молитвата за починатиот ја водел најстариот син на покојниот ајатолах Сејед Мостафа Хамнеи, кој изврши ритуални молитви над телата.
Ајатолахот Али Хамнеи беше убиен заедно со неколку членови на неговото семејство на 28 февруари, денот кога започна војната меѓу САД и Израел против Иран.
Меѓу загинатите беа сопругата на новиот лидер, ајатолахот Сејед Моџтаба Хамнеи, зетот на покојниот лидер, ќерката и неговата 14-месечна внука.
Синот на Хамнеи, Моџтаба, ја презеде функцијата врховен лидер, но оттогаш не се појави во јавноста, а исто така не присуствуваше и на погребните церемонии.
Според државните податоци, милиони луѓе во Иран учествуваа во повеќедневните собири за жалост. Како врховен лидер, Хамнеи го имаше последниот збор за сите клучни прашања во Исламската Република. Истовремено, шиитскиот ајатолах беше највисокиот верски авторитет во државата.
Неговите поддржувачи го почитуваат како маченик кој, според нивното мислење, паднал додека давал отпор на воено далеку посупериорен непријател.






















