Косовскиот премиер Албин Курти пред самитот на Берлинскиот процес во Милочер, Црна Гора, изјави дека дојде време Косово да добие статус на земја-кандидат и да ги отвори преговорите за членство со Европската унија.
Во воведниот говор, Курти нагласи дека Косово веќе поседува демократска функционалност, институционална стабилност и економски раст.
„Сега е време нашата земја да добие статус на земја-кандидат и да ги отвори преговорите за членство со Европската унија. Затоа, денес, како и секој друг ден, ќе ги повикам сите лидери на ЕУ да побараат мислење од Европската комисија за ова прашање“, нагласи Курти.
Тој додаде дека се надева и дека ќе ги оживее обврските преземени на самитот во Лондон во 2018 година, во врска со правдата за воените злосторства и разјаснувањето на судбината на исчезнатите лица.
„Во мојата земја има повеќе од 1.500 исчезнати лица, а неодамна во северната општина Зубин Поток ексхумиравме тела на 23 Албанци кои беа убиени од српските сили во април 1999 година“, нагласи Курти.
Тој изрази оптимизам за иднината на Косово, наведувајќи дека земјата е ангажирана во континуирана соработка и останува посветена на вредностите на Европската Унија, со што практично „ја затвора вратата кон Кремљ“, а во исто време се фокусира на младите, вработувањето и владеењето на правото.
Црна Гора е домаќин на Самитот на лидерите на Берлинскиот процес, кој ги собра лидерите на Западен Балкан, претставници на земјите од Европската Унија и меѓународните организации во Милочер.
Целта на Берлинскиот процес е зајакнување на регионалната соработка, економската поврзаност и добрососедските односи, како и забрзување на европската интеграција на земјите од Западен Балкан.
Со самитот во четврток, Црна Гора го завршува овогодинешното претседавање со Берлинскиот процес, за време на кое беа организирани 26 настани, од кои 14 на министерско ниво, што, според Владата, е најголем број активности за време на едно претседавање со оваа иницијатива.
Фокусот на дискусиите ќе биде на заедничките иницијативи што придонесуваат за развојот на регионот и неговото приближување кон Европската Унија.



















